Здружението за заштита на животната средина „Спас за Маврово“ реагира дека во периодот од октомври 2024 година, до февруари 2025 година, градоначалникот на Општина Маврово Ростуше, Медат Куртовски, потпишал триесетина решенија за одобрување на изградба на викенд куќи, хостели, пансиони и згради со апартмани и студија апартмани, традиционални куќи за потребите на туризмот (селски, планински , езерски) околу Мавровското Езеро и покрај тоа што Уставниот суд во мај лани донесе решение за укинување на урбанистичките планови во овој регион.
Од „Спас за Маврово“ ги повикаа надлежните органи под итно да го спречат, како што велат, ова самоволие на градоначалникот Куртовски кое непрекинато се спроведува изминатите години, а кое како што велат доведува до урбано дивеење со несогледливи последици.
– Во услови кога веќе неколку години по ред алармираме на бетонизацијата на Мавровското Езеро, на изградените згради надвор од сите норми за објекти во Национален Парк , кога предупредуваме на огромните проблемите со инфраструктурата (пат, водоводна мрежа, напојување со електрична енергија), Општината без никаква резерва потпишува согласности за изградба на нови и нови објекти. Тоа се прави и покрај тоа што уште лани во мај Уставниот суд ги укина урбанистичките планови донесени од советите на поранешната општина Маврови Анови и на Општината Маврово и Ростуше од 2001 односно од 2015 година – децидни се од здружението.
Оттаму велат дека градоначалникот Куртовски ги потпишал овие решенија неколку месеци пред крајот на неговиот мандат.