– За да се комплетира чистењето на малата депонија, потребни се уште приближно 7 милиони евра, кои во моментов недостигаат во Мултипартнерскиот фонд за животна средина. За таа цел, ќе треба да се мобилизираат средства и од сопствени, но и од нови извори на финансирање. Се очекува дека, согласно со договорот што го потпиша УНОПС со Владата, тој ќе обезбеди дополнителни средства од други извори на финансирање – велат од Министерството за животна средина.

Владата, на 22. минатиот месец, донесе одлука Министерството за животна средина и просторно планирање да префрли 24.453.000 денари, средствата наменети за чистење на контаминираната локација во ОХИС, на сметката на Мултипартнерскиот фонд за животна средина

Зелената партија Демократска обнова на Македонија – ДОМ, како вонпарламентарна партија, бара од пратениците да поднесат амандмани на буџетот за 2025 година, во делот на обезбедување средства за довршување на ремедијацијата на малата депонија со изомери на HCH (линдан) во ОХИС Скопје, во висина од 7 милиони евра.

– Сакаме да укажеме дека актуелното загадување на амбиенталниот воздух со ПМ 10 и со ПМ 2,5 честички, во комбинација со емисиите на канцерогени честички од изомери на НСН од депониите во кругот на ОХИС, е „канцерогена бомба“, која предизвикуваат малигни заболувања кај граѓаните на метрополата и пошироко. Во буџетот за 2025 година, на Министерството за животна средина му се испланирани средства за довршување на малата депонија во ОХИС, во висина од само 35 милиони денари (500.000 евра) – велат од ДОМ.

Апелираат до пратениците да покажат висока свест и одговорност и со натпартиски консензус за добробит на здравјето на граѓаните, во делот на буџетот за 2025 да поднесат амандмани за обезбедување средства за целосен третман на оваа жешка точка.

Владата, на 22. минатиот месец, донесе одлука Министерството за животна средина и просторно планирање да префрли 24.453.000 денари, средствата наменети за чистење на контаминираната локација во ОХИС, на сметката на Мултипартнерскиот фонд за животна средина.

– Со ова, нашата држава ги исполнува обврските за обезбедување средства на годишно ниво, согласно со одлуката на Владата од 2013 година на која се обврза, дека со постепено одвојување средства ќе го поддржи елиминирањето на контаминираниот материјал од кругот на ОХИС – информираа од МЖСПП.

Мултипартнерскиот фонд за животна средина е фонд што е формиран од Владата со цел да се мобилизираат средства од повеќе извори за решавање на долгогодишниот проблем со историскиот отпад во кругот на ОХИС. За администрирање со средствата од овој фонд е задолжен УНОПС, како имплементациска агенција, која, исто така, има обврска да мобилизира дополнителни средства за комплетна ремедијација на малата депонија и изнаоѓање решенија за големата депонија, што е наведено во договорот за формирање на Фондот помеѓу Владата и УНОПС.

Инаку, досега се спроведени активности за чистење на малата депонија, распределени на ЛОТ 1, ЛОТ 2, ЛОТ 3 и ЛОТ 4, согласно со процедурите од јавна набавка објавена од УНИДО и од УНОПС.

Активностите на ЛОТ 1 започнаа во септември 2021 година, на ЛОТ 2 во јуни 2022 година, на ЛОТ 3 во јуни 2023 година, а на ЛОТ 4 – во март 2024 година. Собраниот висококонцентриран HCH-отпад е транспортиран и уништен во погоните на „Треди“ во Франција, додека почвата контаминирана со линдан се транспортира во постројката „Индавер“ во Германија.

Досега се транспортирани и уништени 1.932,35 тони висококонцентриран HCH-отпад и 586,37 тони почва контаминирана со линдан.

Според досегашните испитувања, од кругот на ОХИС треба да се исчистат уште околу два базена со линдан и околната контаминирана почва само од малата депонија. Остануваат да се отстранат уште 300 тона висококонцентриран HCH-отпад и 1.500 тона почва контаминирана со HCH-изомери.

– За да се комплетира чистењето на малата депонија, потребни се уште приближно 7 милиони евра, кои во моментов недостигаат во Мултипартнерскиот фонд за животна средина. За таа цел, ќе треба да се мобилизираат средства и од сопствени, но и од нови извори на финансирање. Се очекува дека, согласно со договорот што го потпиша УНОПС со Владата, тој ќе обезбеди дополнителни средства од други извори на финансирање, бидејќи една од нивните задачи е и мобилизирање на средства – велат од Министерството за животна средина.

Сумата од седум милиони што недостига е приближно до онаа што се очекуваше дека ќе биде потребна за целосно да се исчисти малата депонија.

Линданот е пестицид што некогаш се користел во земјоделството, а се правел во ОХИС, хемиски гигант каде што се произведувале и прашоци за перење, сјај, бои, лакови…

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ