Најавата за намалување на даноците е контрадикторна со изјавите на власта дека е празен буџетот, коментираат експертите. Според нив, нема логика, од една страна, да викаат дека е празен буџетот, а, од друга, да намалуваат даноци. Премиерот Христијан Мицкоски најави намалување на данокот на добивка за фирмите што заработуваат над 50 милиони евра од 10 на 5 проценти. Со тоа, од една страна, буџетот би останал покус за над 18 милиони евра, но, од друга страна, поради ниските давачки, ќе се привлечат повеќе странски компании во Македонија и ќе се намали сивата економија
Најавата за намалување на даноците е контрадикторна со изјавите на власта дека е празен буџетот, коментираат експертите. Според нив, нема логика, од една страна, да викаат дека е празен буџетот, а, од друга, да намалуваат даноци. Премиерот Христијан Мицкоски најави намалување на данокот на добивка за фирмите што заработуваат над 50 милиони евра од 10 на 5 проценти. Со тоа, од една страна, буџетот би останал покус за над 18 милиони евра, но, од друга страна, поради ниските давачки, ќе се привлечат повеќе странски компании во Македонија и ќе се намали сивата економија.
Поранешниот министер за финансии и универзитетски професор, Џевдет Хајредини, вели за весникот ВЕЧЕР дека најавата за намалување на даноци е повеќе популистичка мерка отколку мерка што ќе донесе повеќе значајни промени во даночната политика на државата.
– Најавата за намалување на даноците е повеќе популистичка мерка, со цел власта да им додворува на одредени компании и на стопанските комори, отколку мерка што ќе донесе значајни промени во даночната политика на државата. Нема логика, од една страна, да велат дека е празен буџетот, а, од друга страна, да најавуваат намалување на даноците. Но, сепак, ова е само најава, кај нас често се најавуваат некои мерки, па потоа се забораваат – изјави Хајредини.
Според него, нема потреба од често менување на даноците, бидејќи тоа е штетно за бизнисите.
– Најавите за промена на даноците создаваат конфузија во планирањето на работењето на компаниите на подолг рок. Од друга страна, неизвесната даночна политика ги одбива странските инвеститори. Малку се контрадикторни изјавите дека имаме дупка во буџетот и оти прво треба да ја пополниме, а од наредната година ќе мислиме за економската политика на државата. Со намалување на даноците, состојбата ќе стане уште покатастрофална, а дупката ќе се продлабочи – појасни Хајредини.
И аналитичарот Синиша Пекевски смета дека не е време за намалување на даноците, што дополнително ќе ја осиромаши државната каса.
– Во светот се води дебата супербогатите дополнително да се оданочуваат, а во Македонија дополнително да се олеснат и да плаќаат помал данок, тотално ирационално. Ако е празна касата, треба да се зголеми даночната контрола, треба да се посетат местата каде што не се издаваат фискални сметки, а ги има многу, и дополнително да се зголеми ДДВ на 20 отсто, бидејќи е најнизок во регионот. Но, и ова ќе биде за џабе ако повторно се трошат парите нерационално, на плати, пензии, социјала, а не се внесат и поддржат извозно ориентираните компании – изјави Пекевски.
И другите економисти сметаат дека со намалувањето на данокот на добивка нема да се оствари идејата да се привлечат големите светски мултинационални компании, кои би се преселиле во Македонија. И досега, во технолошко- индустриските зони, странските компании беа ослободени од данокот на добивка, а имаа и други погодности, но немаше толкав наплив на странски инвестиции.
Други, пак, сметаат дека сè уше е рано да се коментира, бидејќи намалувањето на даноците е само најава. Не беше прецизирано од кога, за колку, за кого и кои даноци ќе бидат намалени.
Премиерот Христијан Мицкоски најави намалување на даноците, а прв чекор во овој правец, рече, ќе биде данокот на добивка. Тој информира и дека ќе добијат субвенција сите мултинационални компании што планираат добивката од 50 милиони евра плус да ја консолидираат во земјава.
– Во периодот што следува, ја анализираме и таа појава. Ние кажавме, и тоа е дел од нашата програма, дека ќе се стремиме кон намалување на даноците, но да го видиме приходот оваа година, каков ќе биде во буџетот. Прв чекор за намалување на даноците ќе биде оној данок на добивка што се плаќа сега и сите мултинационални компании што планираат да ја консолидираат својата добивка овде кај нас, а таа добивка изнесува 50 милиони евра плус, ќе добијат субвенција и начинот на пресметка на таа добивка ќе биде до 5 проценти. Ако сега беше до 10 проценти фиксна, во овој случај ќе биде до пет отсто. Затоа, ги повикувам сите македонски компании што соработуваат со светски мултинационални компании да ги повикаат во Македонија и веднаш откако ќе биде изгласано ова, да можат да го консолидираат тие бизнисот тука. Тоа ќе значи повеќе ликвидност за македонската економија и повеќе пари по основ на данокот на добивка во буџетот – изјави Мицкоски.
Инаку, намалувањето на данокот на добивка за тие што заработуваат повеќе беше едно од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ. Според ветувањата на партијата, фирмите што заработуваат од 20 до 30 милиони евра, ќе плаќаат 8 отсто данок на добивка, тие од 30 до 50 милиони ќе плаќаат 6 отсто, а тие што заработуваат над 50 милиони евра – 5 отсто наместо досегашните 10 отсто.
(А.С.)