Да се користат лиценцирани туристички водичи во Охрид

78

Туристичката инспекција во рамките на Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид упатува апел до сите странски туроператори, домашни туристички агенции, сместувачки капацитети и до другите туристички чинители, кои носат туристички групи на разгледување на археолошките локалитети и на другите знаменитости во Охрид, задолжително да користат услуга од лиценциран туристички водич.

Овој апел следува откако во последниот период, како дел од теренските активности, во повеќе наврати туристичките инспектори констатирале непочитување на Законот за туристичка дејност и нелиценцирани туристички водичи, кои водат групи на разгледување во Охрид.

– Целта е да се спречи ваквата појава и да се избегне изрекувањето казни – посочуваат од Општина Охрид.

Притоа, додаваат дека во екот на главната туристичка сезона, туристичката инспекција во рамки на Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид има зголемен обем на работа и покрај редовната контрола на туристичките објекти, редовно се контролираат и туристичките водичи, кои водат организирани групи гости.

– Се очекува од сите вклучени во туристичките дејности да работат согласно со законските прописи со цел да се зачува имиџот на Охрид како атрактивна туристичка дестинација – потенцираат од локалната самоуправа.