Да се формира „Европски очи“ – шпионска мрежа на ЕУ, бараат германските разузнавачи

90
pexels

Врвните разузнавачки експерти на Бундестагот бараат формирање на европска шпионска мрежа, предупредувајќи дека Европа не може да се потпре на разузнавачките информации од Соединетите држави во услови на сè понеизвесни односи, пишува Politico.

Константин фон Ноз, претседателот на надзорното тело на германскиот парламент, ги повика Германија и нејзините европски сојузници да основаат сопствена мрежа за споделување разузнавачки информации.

„Потребен ни е формат за европска разузнавачка соработка – наречете го „Euro Eyes“ – за да се осигура дека силните држави можат брзо и безбедно да разменуваат информации на јасна правна основа. Не можеме да избегнеме зголемување на сопствените разузнавачки способности во иднина“, изјави тој за Политико.

Изненадната одлука на ЦИА да го прекине споделувањето разузнавачки информации со Украина, потврдена од директорот Џон Ратклиф во средата, предизвика загриженост дека слични ограничувања би можеле да се прошират и во Германија.

„Ова е промена на парадигмата која тешко би не погодила. Со децении се потпиравме на можностите на американското разузнавање. Ако ова ни биде одземено, ние мора брзо да развиеме алтернативни структури“, изјави за Политико, Родерих Кизеветер, заменик-претседател на комисијата за надзор на разузнавањето на Бундестагот.

Германските безбедносни агенции долго време зависат од американските разузнавачки служби за следење на терористички закани, сајбер напади и шпионски активности.

Според Политико, предлогот за воспоставување на „Euro Eyes“ одразува поширок притисок во Европската унија за воспоставување домашна разузнавачка соработка.

Во извештајот на поранешниот фински претседател Саули Ниинисто, нарачан од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и објавен на крајот на октомври минатата година, се предлага создавање „канцеларија за разузнавачка соработка“ на ниво на ЕУ за да се спротивстави на шпионажата и странското мешање.

Во меѓувреме, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров посочи дека Киев веќе бара алтернатива за разузнавачката служба.

ИЗДВОЕНИ