И годинава, по 33. пат, сè е подготвено да се почитува традицијата пред платото на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ за големата прослава за Бадник, кој го најавува Христовото раѓање, поточно најголемиот христијански празник – Божик. Бадниковите гранчиња се набрани благодарение на Одборот за прослава на Бадник, од каде што, заедно со скопјани, на 22 декември, се качија на Водно, во месноста Краста и ја завршија задачата. Останува уште да се осветат тие во храмот и на 6 јануари да им се поделат на верниците што ќе присуствуваат на големата прослава.
Чувството на гордост што го има секој кум бадникар на Скопје е најубавиот момент што може да го доживее еден човек во својот живот, вака најчесто велеа досегашните кумови. Годинашен кум на оваа традиционална манифестација е економистот Раде Макеларски, додека здравичар е дипломираниот архитект Атанас Петров. Првиот ќе го понесе ќупот на Бадник 2025 година, а вториот ќе ја каже здравицата
Бадникарите сигурно зачекорија во четвртата деценија од постоењето и од успешната и делотворна работа. Нивната иницијатива за традиционална дружба и прослава на Бадник доби јасни и неповторливи контури и прерасна во хуманитарно движење и во еколошка акција за чиста и убава околина, со традиционално садење млади бадникови стебла на падините на Водно, во месноста Краста.
Скопјани одамна покажаа што мислат за бадникарите и за нивните следбеници, но сè би било залудно да ги нема со нив младите, полни со елан и идеи, кои непоколебливо стојат на чело и полека ја преземаат носечката улога од ветераните, на нивно огромно задоволство.
Во слогата е успехот, а скопските бадникари најдобро го потврдија тоа во изминатите 33 години. Што значи дека скопското „бадникување“ доживува вистинска зрелост.
И годинава, по 33. пат, сè е подготвено да се почитува традицијата пред платото на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ за големата прослава за Бадник, кој го најавува Христовото раѓање, поточно најголемиот христијански празник – Божик.
Бадниковите гранчиња се набрани благодарение на Одборот за прослава на Бадник, од каде што, заедно со скопјани, на 22 декември се искачија на Водно, во месноста Краста и ја завршија задачата. Останува уште да се осветат тие во храмот и на 6 јануари да им се поделат на верниците што ќе присуствуваат на големата прослава.
Избрани се и годинашните кум и здравичар. Годинашен кум на оваа традиционална манифестација е економистот Раде Макеларски, додека здравичар е дипломираниот архитект Атанас Петров. Првиот ќе го понесе ќупот на Бадник 2025 година, а вториот ќе ја каже здравицата.
Кумството е духовно сродство, што понекогаш може да биде посилно и од крвното. А, во темелите на македонските православни обичаи и традиции лежи и бадникарското кумство. Стана традиција за улогата на кум бадникар на Скопје да се кани почитуван скопјанец, чесен христијанин што ги почитува православието, традициите и обичаите, но и човек што е докажан хуманист. Сите досегашни кумови во изминативе 32 години се токму такви личности. Годинава ќе им се придружи Раде Макеларски.
Чувството на гордост што го има секој кум бадникар на Скопје е најубавиот момент што може да го доживее еден човек во својот живот, вака најчесто велеа досегашните кумови.
– Многу сум среќен што сум избран за кум. За мене, Бадник е голем празник и ја почитувам православната традиција кога се собира семејството на посна трпеза и кога се крши лепчето во кое има паричка. Ден пред Бадник, традиција ни е да се собереме со другарите во кафе-барот „Мартини“. Јас правам зелник и во него ставам сребрена паричка, па тој кај кого што ќе се падне паричката ќе биде кум наредната година – раскажува новиот кум.
Тој додава дека ќе настојува и неговите деца и внучиња да ја продолжат оваа традиција.
Бадниковите здравици, како духовна потреба на човекот за искажување најубави желби и пораки, но и за вдахновување мотив и сила, остануваат врежани во нашето сеќавање. Но, тие се, исто така, и предизвик за нови „бадникувања“.
За здравичарот Атанас Петров, Бадник е традиција што трае вечно и што ја негува уште од детството.
– Политиката и политичарите се менуваат, традицијата останува. Возбуден сум што сум дел од оваа манифестација и сум еден од нејзините градители – истакна Петров.
Тој ќе го прослави Бадник во семејна атмосфера, со своите внуци и најблиски, со песна и музика.
Вели дека се нафатил на оваа должност затоа што го навраќа во детството и младоста, кога, како што вели, со нетрпение го очекувал овој ден, кога ги палеле коледарските огнови и оделе на коледе.
И овој Бадник, на 6 јануари, на свечената манифестација ќе бидат пречекани новите кум и здравичар, но и стариот кум, Божидар Јанковски, сопственик на компанијата „Дајнерс клуб“, кој ќе пристигне со ќупот. Лани, здравичар беше актерот Анастас Тановски.
Ќе биде осветена погачата, а на бината што ќе биде поставена пред Соборниот храм, ќе се обрати архиепископот охридско-македонски, господин господин Стефан, по што новиот здравичар ќе ја каже бадниковата здравица. Обраќања ќе имаат и скопската градоначалничка, Данела Арсовска, и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Предвидени се разговори со стариот и со новиот кум, по што стариот кум ќе му го предаде бадникарскиот ќуп на новиот. Потоа следува испраќање на новиот кум, кој ќе се прошета со пајтон по скопските улици и ќе се упати кон својот дом.
Анела ПЕТРОВА