Втор месец по ред, испитувањата на Центарот за јавно здравје во Тетово покажуваат дека минералната вода кај тетовската излетничка месност Бањиче не е исправна за пиење и затоа се препорачува да не се пие.
Од Центарот велат дека и покрај нивното предупредување пред еден месец, граѓаните и понатаму не се воздржуваат, па одат до двата извора да пијат од водата, се мијат, а некои земаат и за дома, полнејќи шишиња.
Со оглед на високите температури, има зголемена посета на местото, а со тоа многу луѓе пијат од таа вода.
– Повторените анализи покажаа дека минералната вода од чешмата кај кривината е микробиолошки загадена, а кај џамијата е и микробиолошки и физичко-хемиски загадена. Во водата од чешмата кај кривината се пронајдени колиформни бактерии и ешерихија коли, а кај џамијата и колиформни и ешерихија коли, ентеробактерии, зголемување на вкупниот број бактерии, но е пронајдена и зголемена концентрација на манган – информираше д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје – Тетово.
Тој нагласи дека не се препорачува за пиење водата во месноста Бањиче.
– Обично ние вршиме испитувања четири пати во годината, меѓутоа поради тоа што многу луѓе се рекреираат во овој период од годината, решивме секој месец да ги испитуваме тие две минерални води – објасни Давидовски и додаде дека кога ќе ги добијат резултатите од лабораторија, оставаат лист на самото место, но граѓаните го игнорираат тој документ, па дури и ја уништуваат хартијата.
– Кога ќе ги ставиме резултатите, кога ќе ги залепиме, во рок од два часа се тргаат листовите. Нас ни велат: „Дедо ми пиел од оваа вода, ништо не е!“ Да, можеби дедо ти пиел, ама сигурно му се има случено нешто во животот ако пиел од таа вода. Друг интересен феномен е што порано, кога ги испитувавме тие води, имавме многу ретко лош резултат, небезбеден. А сега, голема реткост е да бидат добри резултатите. Имаме човечка активност таму, не знаеме кај се каптажите. Тоа се природни минерални води, па затоа не знаеме од каде се. Ама очигледно е дека има движење и човечка активност во тој басен. Има пет-шест изворишта од кои најмногу се експлоатираат овие два што ги испитуваме – наведе д-р Давидовски.
Тој потсети дека може да дојде до загрозување на човековото здравје, од гастроинтестинални нарушувања, па до секаков вид болести во организмот.
– Апелот е дека водата не е безбедна за пиење. Јас често пати кажувам дека кога почнува да се оди кон Бањиче, на првата чешма, која е од 6 до 8 степени, водата е од градскиот водовод, која се дезинфицира, па оттаму да се наполни едно шише и да се користи таа вода и нагоре и надолу. Минералните води не се безбедни на двете места – повтори Давидовски.
Месноста Бањиче се наоѓа на два километра од Тетово, во насока кон реката Пена. Покрај реката има пешачка патека, која се користи за пешачење, трчање и за возење велосипеди.