Да не се носи отпад од другите општини на градската депонија во Бели

27

Советот на Општина Кочани денеска донесе едногласна одлука отпадот од Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево и од другите општини во регионот веќе да не се носи на градската депонија кај селото Бели.

Одлуката беше усвоена по дополнувањето на дневниот ред што го предложи претседателот на Советот, Лазо Митев, образложувајќи го со барањето на граѓаните, кои веќе трета недела протестираат и го блокираат пристапот до депонијата за комуналните возила од соседните општини.

– Советот на Општина Кочани бара веднаш да престане фрлањето на комуналниот отпад од општините Виница, Зрновци, Чешиново- Облешево и од другите соседни општини, сѐ до започнување со работа на регионалната депонија кај Свети Николе и сè до моментот на избор на постојан оператор за одржување и затворање на градската депонија во Кочани. Одлуката ќе биде доставена до комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, до соседните општини и до Владата и таа стапува на сила со денот на донесувањето – истакна Митев.

На седницата, едногласно беше усвоена и инцијатива да се формира надзорно тело, кое, како екопатрола, ќе го контролира начинот на собирање и фрлање на отпадот од територијата на Оштина Кочани.

Во салата на Советот беа присутни и поголем број граѓани, екоактивсти и учесници на протестот, кои со аплауз го поздравија донесувањето на одлуките.

– Упатуваме благодарност до советниците, но, пред сè, до сите граѓани што во изминатите 17 дена протестираа и направија притисок да се дојде до оваа конечна одлука. Верувам дека ќе биде почитувана и дека ќе го реши проблемот за повеќе да не ни се случуваат такви катастрофи – истакна Стојан Глувчевски, претставник на екоактивистите од Кочани.