Да не се гради хотелскиот комплекс во Горица

81

Граѓанските организации бараат итно да се спроведат: законите за животна средина, за градење и за општа управна постапка, според кои одобрението за градење издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без решение за одобрување на елаборатот за животната средина, е ништовно. Во претставката се истакнува дека издавајќи го одобрението за градење без оцена на влијанието врз животната средина, Општина Охрид го спречила и остварувањето на уставното право на граѓаните да учествуваат во процесот на одобрување на проектот, гарантирано со Законот за животна средина и со Архуската конвенција

 

Вкупно 25 граѓански организации поднесоа претставка до премиерот и до членовите на Владата, која се однесува на одобрението за градење хотелски комплекс во Горица, за кое, како што информираат, сите релевантни закони ја налагаат обврската да се прогласи за ништовно. Претставката се осврнува и на инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кој, според нив, изобилува со законски прекршувања и можни кривични дела, како и на улогата и законските прекршувања на Управата за животна средина. Организациите доставија претставка со слични содржина и барања и до Општина Охрид, а за случајот ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за координација на активностите против корупцијата.

– Ја поздравуваме заложбата на Владата за борба против корупцијата и за владеење на правото, особено истакнувана по трагедијата во Кочани и целосно се согласуваме дека корумпираниот систем не смее да победи, дека е чудовиште што ја проголтува иднината на земјата… и дека борбата против корупцијата не е и не смее да биде меѓупартиска пресметка туку борба на чесните против нечесните. Во овој контекст, укажуваме дека уништувањето на највредното богатство на земјата и сите нејзини сегашни и идни граѓани – светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, со пасивно и/или активно учество на државните институции, е дијаметрално спротивно постапување од она што води до справување со корупцијата и воведување правна држава – се наведува во претставката поднесена од 25 граѓански организации.

Овие граѓански организации бараат итно да се спроведат: законите за животна средина, за градење и за општа управна постапка, според кои одобрението за градење издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без решение за одобрување на елаборатот за животната средина, е ништовно.

Во претставката се додава дека ,издавајќи го одобрението за градење без оцена на влијанието врз животната средина, Општина Охрид го спречила и остварувањето на уставното право на граѓаните да учествуваат во процесот на одобрување на проектот, гарантирано со Законот за животна средина и со Архуската конвенција.

Организациите се осврнуваат и на улогата на Државниот инспекторат за животна средина и бараат од премиерот и од Владата да се обезбеди испитување на можните коруптивни постапки од сите посочени институции и вклучени лица.

– Државниот инспекторат за животна средина, институцијата чија основна должност е да го обезбеди спроведувањето на Законот за животна средина и да го заштити јавниот интерес, наместо да превенира, овозможи понатамошна деградација на природното наследство; заштити законски прекршувања, кривични дела, противуставни постапки и противзаконска материјална корист на „Дивелоп груп“ – пишува во претставката.

Невладините посочуваат дека обврската за отстранување на градбата, враќање на природата во првобитната состојба и за поништување на урбанистичкиот план на кој се базира актуелното уништување, ја налагаат и меѓународните договори – Бернската и конвенцијата на УНЕСКО и потсетуваат дека законот ја лоцира одговорноста за нивното извршување токму кај Владата. 

 

ИЗДВОЕНИ