Кандидатите за претседател на државата ја интензивираат кампањата, која влезе во седмиот ден преку одржување на митинзи, средби, дебати и гостувања на медиумите, со пораки и ветувања пред гласачите дека со нив Македонија ќе биде подобра. Речиси сите седум кандидати, како претставници на различни политички опции, во битка за секој глас се обидуваат да посетат што повеќе места и општини и да ги промовираат своите програми во директен контакт со граѓаните, притоа претставувајќи ги своите политичките визии и себеси како единствена можна опција за подобра држава за граѓаните.
Ставовите кои ги изнесуваат пред гласачите најмногу се однесуваат за евроинтеграциите и уставните измени, а меѓу темите кои доминираат се и внатрешните состојби со акцент на меѓуетничките односи како и борбата против криминалот и корупцијата.
Кандидатот на СДСМ и Коалицијата и актуелен шеф на државата, Стево Пендаровски, кој досега посети повеќе места, во неделата на централен митинг пред охриѓани повторно нагласи дека особено ќе се бори за соживотот и за европската иднина на државава. Истакна дека Македонија може да продолжи кон Европската Унија само со актуелната политичка структура, и истовремено упати критики дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминативе години е таа која останува на антимакедонски позиции на Бугарија и ги поддржува опструкциите кои доаѓаат од таа страна.
– Ветивме дека Македонија ќе ја направиме членка на НАТО и тоа го направивме по 25 години статус кандидат. Огромен исчекор направивме и во преговорите со ЕУ, по 17 години во чекалната конечно ги отворивме преговорите. За жал, во моментот кога најмалку тоа го очекувавме, нашиот источен сосед постапи комплетно антиевропски и не блокираше на тој пат. Меѓутоа и со тоа можевме лесно да се избориме ако внатре во државава немавме опозиција која „де факто“ е на истите антимакедонски позиции и ги поддржува сите опструкции кои ни доаѓаат од таа страна, изјави Пендаровски.
Актуелниот шеф на државата, чиј слоган во трката за втор мандат е „Наш Претседател” и пред жителите на Охрид, како и во другите градови претходно, предочи дека негови цели во општествениот живот се да не ги дели луѓето, и дека го почитува потенцијалот на секој еден граѓанин независно на етничката, партиската или која било друга припадност.
-Не постои ниту еден граѓанин во Македонија кој може да каже дека е дискриминиран затоа што не е Македонец, затоа што е Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак, што било. Не постои ниеден граѓанин на Македонија кој може да каже дека не ги добил своите права или не добил прием кај мене, не разговарал со мене за своите проблеми затоа што не е член на СДСМ, на НСДП, на ЛДП, на која било партија од владејачката коалиција – изјави Пендаровски.
Во својата кампања за претседател на државата, на митинг во Кочани, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, се осврна на прашањето за Уставот, излегувајќи со оценка дека највисокиот правен акт е зрел за промени. Силјановска, која деновиве го критикува актуелниот шеф, велејќи дека тој е одговорен што во земјава постојат две држави во една, и која се залага идниот претседател да има обединувачка улога и да гради единство меѓу власта и опозицијата, завчера пред граѓаните предочи дека крајно време е една одговорна власт да направи широко експертско тело што ќе ги утврди проблемите во Уставот, но не прецизираше што треба да се смени.
-Има работи што треба да се сменат за да имаме стабилна и функционална држава, силни институции, зашто инаку загрозена е демократијата. Јас би требало да бидам една од оние која ќе ги менува работите, истакна Силјановска-Давкова.
На митингот во Кочани, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека Стево Пендаровски во изминатите 5 години бил само една обична вазна, споредувајќи со тоа што неговиот претходник Ѓорѓе Иванов го нарекуваа – фикус.
– Пендаровски се плаши. Поранешниот претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го нарекуваа фикус. Јас за Пендаровски не би можел да кажам дека е фикус, затоа што тоа би било комплимент. Можам да кажам дека беше само една обична вазна во изминатите пет години која стоеше на витрина – рече Мицкоски.
Претседателскиот кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, во неделата одржа прес- конференција во Скопје и вети формирање Меѓународен борд за сертифицирање на носители на јавни функции, а претходниот ден се заложи да има пратенички листи за младите до 27 години.
Според него, задачата на тој борд – составен од претставници од САД, ЕУ и НАТО во координација со институциите во земјата – ќе биде да направат пре-сертифицирање на сите носители на јавни функции и тоа во две насоки: дали имаат некаква поврзаност со руските интереси и дали се вмешани во каква било форма на корупција.
Од опозициската албанска коалицијата „Вреди“ упатија критики дека додека Османи зборува за верификација на носителите на јавни функции, за Европски вредности и за младите, во исто време Артан Груби мести тендери за лотарија вредни 2 милиони евра и дека тоа се пари од граѓаните
Кандидатот за претседател на коалицијата Вреди, Арбен Таравари, во рамки на кампањата, пак, беше во Тетово на средби со лекарите.
На средбата, Таравари истакна дека еден од здравствените приоритети треба да е обезбедување на лекар во секое рурално место, како и субвенционирање на медицинскиот персонал. Поранешниот министер за здравство и актуелен кандидатски претседател додаде дека како второ прашање во здравствениот систем е децентрализацијата на здравството, бидејќи според него, во моментов 60 отсто од медицинските услуги се даваат во скопските болници.
Додека во Тетово тој ја претставуваше програмата во која во фокусот се и евроинтеграциите и уставните измени, во Скопје беше запален негов билборд. Одговарајќи на новинарски прашања, Таравари рече дека не сака да каже во кого се сомневаат за случајот со билбордот и ги повика институциите да откријат за што станува збор.
Претседателскиот кандидат од Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој во изминатите денови најави дека ќе се заложи да се најде начин со кој ќе се модифицира преговарачката рамка, кажа дека тоа е со цел за да се приближи процесот на евроинтеграции, а на завчерашниот митинг во Охрид, истакна дека земјава за да стане членка на Европската Унија првенствено треба да биде стабилна и самоодржлива.
– Македонија мора да продолжи да се развива како држава. За да станеме членка на Европската унија првенствено треба да ја средиме да личи, да биде стабилна и да е самоодржлива држава. Треба да си ги засукаме ракавите дома, да си се фатиме за работа, да ги спречиме енормната корупција и криминалот што ги создадоа и ги создаваат политичките елити, рече Димитриевски.
Кандидатот за претседател на државата од ГРОМ,Стевчо Јакимовски, завчера се осврна на прашања од надворешната политика и истакна дека неговата програма има три точки – јакнење на нашите позиции во НАТО, продолжување на патот кон членство во Европската Унија, како и јакнење на економската политика.
„Јакнење на нашите позиции во НАТО-структурите и заложба за малку поголем респект и малку повеќе почит и кон државата и кон граѓаните на Република Македонија, како од НАТО, така и од нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави и од Европската Унија. Исто така, продолжуваме на патот кон ЕУ, сѐ што треба реформи да правиме, ќе правиме, но со јасно ставање до знаење на ЕУ и на сите членки дека Република Македонија е подготвена да чека на прием до 2030 година, изјави Јакимовски.
Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, повтори дека има категоричен став против менување на Уставот и внесувањето на Бугарите. На народниот собир во Тетово, каде што ја претстави изборната програма „Го враќаме достоинството на нацијата“, Ванковска, упати критика и дека нејзините противкандидати бегаат од директни соочувања,и дека тоа не доликува на една демократија.
На митингот беа присутни и претседателот на партијата Димитар Апасиев и носителот на пратеничката листа на Левица за ИЕ6, Игор Димески. Претседателот Апасиев во своето обраќање пред тетовчани порача дека е „време да се стави крај на дуизацијата и албанизацијата на Македонија за која како што рече, најмногу се виновни македонските политички елити кои измеќаруваат
И денеска караваните на кандидатите се на средби со граѓани низ повеќе градови во државата. Изборите се распишани на 24 април така што кандидатите за изборната трка имаат уште две недели за претставување со оглед дека изборниот молк почнува на 22 април на полноќ.
М.С.