Македонската ракометна репрезентација ја совлада Гвинеја (29:20) со што го официјализира пласман во втората фаза на СП во Вараждин, каде ќе ги одмери силите со Франција, Катар и Австрија. „Црвено -жолтите“ не блескаа против аутсајдерот, ниту, пак, победија со двоцифрена позитива како што се очекуваше, но тоа не го загрижи селекторот Кирил Лазаров.
„Можевме и многу подобро. Промашивме 20 удари, од кои 15 беа од изградени позиции. Да игравме со поквалитетен противник не би победиле ако промашувавме толку многу. Добро е што ги зачувавме и одморивме поискусните ракометари пред следните натпревари. Нè очекуваат тешки борби, ни треба многу енергија, треба да бидеме среќни и задоволни. Жал ни е што освоивме само еден бод против Унгарија, но тоа е минато, се подготвуваме за дуелот против Австрија во вторник. Благодарност до навивачите кои ни даваат голема поддршка. Ритамот е брз на СП, утре ќе правиме анализа за следниот меч со Австрија, но ова е неискусна и млада репрезентација, не можам да кажам колку ќе го прифатат тоа за краток период. Сепак, тука се навивачите и веруваме дека ќе ни помогнат“, изјави Лазаров.
Натпревари на Македонија во главната фаза:
21.01.2025 – 18:00 – Македонија – Австрија
23.01.2025 – 20:30 – Македонија – Катар
25.01.2025 – 20:30 – Македонија – Франција