Законот за волонтирање е стар повеќе од 15 години и е неопходно негово менување или надополнување, вели Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Македонија.
– Ако се земе предвид динамиката на развој на настаните во едно општество, можеме да кажеме дека Законот за волонтирање кај нас повеќе не е во функција на новите општествени барања – истакна Саити.
Тој смета дека со законските измени мора да се направи подобар амбиент за волонтираање и е неопходно волонтерите да добиваат подобро вреднување на својот труд, кој не се плаќа, но како поттик за омасовување на волонтерството и за поголемо ангажирање на волонтерите, тие треба да добиваат поголеми и посебни бенефиции.
Според Саити, тие, како организација, повеле иницијатива за менување на стариот Закон за волонтирање и очекуваат, преку дебати и расправи на ниво на државата, да се донесе ново законско решение, кое ќе ги подобри условите не само за работа на волонтерите туку и севкупно, на сите други чинители во рамките на Црвниот крст на Македонија.