Раководството на Евролигата ја казни Црвена звезда со 11.000 евра поради пропусти во организацијата на натпреварот од 22. коло против Монако, соопшти белградскиот клуб.
Како што е наведено, на натпреварот биле сторени повеќе прекршоци кои подлежат на дисциплински санкции. За употреба на ласер за време на натпреварот, клубот е казнет со 2.500 евра, додека за фрлање предмети на теренот и повторување на прекршоци за кои клубот веќе беше казнет во минатото, Црвена звезда е казнета со 8.500 евра.
- Клубот уште еднаш апелира до сите навивачи кои оваа сезона во огромен број ја полнат белградската арена, да навиваат на спортски, фер, коректен начин и да не фрлаат предмети на теренот, да ги навредуваат официјалните лица на натпреварот, да не користат ласери, бидејќи во случај на повторување на овие прекршоци, клубот ќе биде изложен на нови казни, се вели во соопштението на Црвена звезда.