Црвениот крст од Амбасадата на САД доби мобилно оперативно возило. Донацијата ја предаде амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, која истакна дека е многу задоволна што токму ова мобилно оперативно возило ќе му помогне на Центарот за управување со кризи, што е клучно за одговор на кризи.
Мобилното оперативно возило претставува оперативно комуникациски мобилен центар и ќе овозможи справување и брзи и ефикасни одлуки за дејствување во кризни состојби, поврзување со сите институции вклучени во системот за кризен менаџмент, како и со мобилните тимови на терен.
Возилото е опремено со најсофистицирана опрема за комуникација со сите институции, во чија внатрешност има тетра радиостаници, дрон со термална камера, сателитски интернет, струјно напојување. Возилото може да се користи во пожари за пребарување на изгубени лица.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, нагласи дека ова возило за нив претставува дополнителна содржина, зголемување на нивните оперативни можности во делот на дејствувањето со катастрофите и можност да ги подобрат партнерските капацитети на организацијата за соработка со институциите на системот. Потенцира дека како краен бенефит возилото ќе го подобрува системот на државата во делот на справување со кризите и катастрофите.
– Ни овозможува носење на побрзи одлуки на терен, побрза комуникација и координација со оперативните центри во државата и секако една можност која ни ја дава сета оваа опрема се дополнителните можности кои ги создава за соработка со регионалните платформи, а пред сè би ја истакнал „Икс ток“ платформата која е воспоставена пред две години, а се однесува на соработката што ја имаат националните друштва од регионот во делот на стоковните резерви, надополнета со софтвер кој овозможува дневна и брза комуникација во делот на справувањето – рече Саити.
Амбасадорката Агелер истакна дека многу е важно да бидеме подготвени за кризи.
– Подготовката е неодложен и критичен дел од справувањето со кризи и убедени сме дека мобилното оперативно возило ќе придонесе за тоа. Се сеќавате од минатото лето, со пожарите, колку е важно да се биде подготвен и затоа сме задоволни и чест ни е што сме дел од вашите напори за справување со кризи. Денес е прекрасен ден, со нетрпение очекуваме да го видиме возилото на дело, тоа буквално ќе спаси животи – рече Агелер.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, нагласи дека ова донација ќе го засили целокупниот македонски систем за управување со кризи, бидејќи, како што рече, ќе биде од голема помош за целиот систем.
– Се надевам и посакувам ова возило никогаш да не го искористиме во реална ситуација, истото да го користиме само за вежбовни активности и за превенција. Но, добро е да се има вакво возило бидејќи никогаш не знаеме кога ќе се случи некоја несреќа или катастрофа – истакна Ангелов.