И покрај иницијативата за бојкот на маркетите, која се споделуваше неколку дена на социјалните мрежи, сепак, дел од граѓаните вчера не ги избегнаа маркетите и отидоа на пазарење. Иако го немаше вообичаениот метеж како во другите денови, сепак, во некои од маркетите можеше да се забележат неколкумина потрошувачи, кои со полни корпи чекаа ред на касите. Ова покажа дека некои од граѓаните не може еден ден да се воздржат од пазарење и да им покажат на трговците дека се единствени во намерата за бојкот на маркетите. Дел од маркетите, ден пред бојкотот, излегоа со акции за намалување на цените на основните производи, а дел од нив решија да прават попис, но информираа дека ќе работат во претпладневните часови.
Потрошувачите што ги затече екипата на весникот ВЕЧЕР како излегуваат од маркетите со полни кеси, рекоа дека не бојкотираат, бидејќи сметаат дека на овој начин нема да се реши проблемот со високите цени.
– Излегов да купам некои работи затоа што навистина имав потреба од нив. Но, како и да е, не го почитувам бојкотот, бидејќи сметам дека на овој начин нема да се заплашат трговците. Државата треба да најде други начини како да им бркне во џебот на трговците, а тоа да не биде преку потрошувачите – вели една скопјанка што излегуваше од маркет со полни кеси.
Инаку, во маркетите, купувачите беа претежно пензионери, кои или не се информирале за иницијативата за бојкот или не можат без некои основни производи што не ги обезбедиле претходниот ден. Освен пензионери, во маркетите можеше да се видат и млади луѓе, излезени на пауза за појадок.
– Јас сум за бојкот и го почитувам тоа што се крена цел регион на нозе против високите цени во маркетите. Но, мислам дека со еден ден бојкот ништо не правиме. Јас излегов да купам само леб, млеко и јогурт, а купувањето на другите работи го оставив за утре – вели еден пензионер.
Една помлада жена што ја пресретнавме со полни кеси, рече дека заборавила дека има бојкот.
– Леле, навистина заборавив дека е бојкот! Пред да излезам од дома, маж ми ми рече дека денес има бојкот и да не пазарам од маркетите, но сосема заборавив. Инаку, освен за дома, купив и некои средства за хигиена што се потребни за на работа – изјави таа за весникот ВЕЧЕР.
Но, имаше и граѓани што решија да ги бојкотираат поради високите цени. Според најавите, се очекува прометот во домашните маркети, поради бојкотот, да се намали за 10 до 30 отсто.
Експертите велат дека ова е црвен картон за маркетите, кој предизвикал реакција бидејќи дел од нив почнале со акции. Но, сепак, сметаат дека со еден ден бојкот нема да се реши проблемот, односно дека бојкотот нема да има голем ефект врз намалувањето на цените доколку не се замеша државата.
Надлежните, пак, најавија ригорозни контроли во маркетите и во трговските објекти и итна реакција на терен. Велат дека има различни начини за справување со предизвиците: замрзнување на цените, замрзнување на маржите, замрзнување на дистрибутивните маржи…
Од власта деновиве изјавија дека дел од производителите, дистрибутерите и од маркетите се служеле со трикови, што довело до поскапување на одредени производи како, на пример, цената на маслото за јадење и на јајцата.
Пазарната инспекција влезе во маркетите, се чешла документацијата во изминатите пет-шест месеци за да се види како се однесувале трговците. Од Пазарниот инспекторат информираат дека инспекторите прибираат документација за да се направи анализа како се движела бруто профитната маржа, но овој пат одлучиле да се анализира подолг временски период наназад.
Поради растот на цените, пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, повторно праша дали сега власта ќе го прифати предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.
– Животот на повеќето граѓани е претворен во секојдневна борба како да го преживеат месецот. Цените се плафон, и овој тренд продолжува. Граѓаните се доведени да избираат што и колку ќе пазарат само од основните производи, не зборуваме за луксуз. А да не ги споменувам сметките што треба да ги плаќаат – изјави Тренчевска.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, појасни дека растот на цените во маркетите бил поттикнат од цените на берзите и од набавните цени, според она што му го кажале производителите, но притоа најави дека инспекциите ќе ги чешлаат маркетите. Тој додаде дека во следниот период Владата планира намалување на парафискалните давачки, што, според него, позитивно ќе влијае на намалувањето на цените.
Освен во Македонија, бојкот на маркетите има и во сите поранешни југословенски републики.
(А.С.)