Црвен картон за Државниот обвинител

Премиерот го повика Коцевски самиот да си даде оставка

384

По владината одлука да почне процедура за разрешување на Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, премиерот Христијан Мицкоски го повика шефот на обвинителството сам да се повлече од функцијата како би се скратил процесот и Собранието да избере нов обвинител.

Власта го сардиса државниот обвинител Љупчо Коцевски. Му забележува за падот на државата за 12 места на светскиот индекс на корупција и поставување на привремен раководител на Вишото обвинителство.  Министерството за правда  го испрати предлогот со причините за неговото разрешување до Владата, од каде пак треба да се испрати на мислење во Советот на јавни обвинители. Членовите на Советот имаат рок на два пати по 15 дена да дадат позитивно или негативно мислење. И без нивното мислење предлогот оди во Собрание, каде што Коцевски има право да присуствува и да се произнесе пред пратениците. За негово разрешување потребни се 61 глас. Премиерот Христијан Мицкоски вчера го повика обвинителот Коцевски сам да се повлече од функцијата, да се скрати процесот на разрешување и да се избере нов шеф на државното обвинителство.

-Обвинителот Коцевски имаше доволно можност да се покаже како бескомпромисен борец за правда, и против оние случаи каде што има сомнение за сторен криминал. Но, барањето изговори и купувањето време се карактеристична особина. Тој имаше доволно време да се покаже, но не ја доби довербата на Владата. Тој процес е започнат и ќе заврши во Парламентот. Мислам дека е чесно од негова страна сам да се повлече и да го скратиме овој процес, да избереме нов обвинител кој ќе се бори против криминалот и корупцијата, изјави премиерот Мицкоски.

Од неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ ја продолжија листата на забелешки за интегритетот на Коцевски, со месеци штити поранешни функционери на СДСМ, Обвинителствата не постапуваат по кривичните пријави од МВР, послушник е на опозицијата, му стави на товар пратеникот Бране Петрушевски.

-Љупчо Коцевски како шеф на ЈО не направи ништо да се зголеми ефикасноста во постапките. ЈО водено од Љупчо Коцевски се стави во целосна заштита на функционери на СДСМ и нивни блиски лица, кои со години ја крадеа државата., изјави Петрушевски.

Според членот од Законот за јавни обвинители по кој Владата ќе го разрешува Јавниот обвинител Коцевски пред истекот на мандатот е поради тешка дисциплинска повреда на законот или ако е член на политичка партија. Во објаснувањето на обвинителот Коцевски се сфаќа дека причината е првото, дисциплинска повреда на законот, односно Владата му забележува за како што вели портпаролката Марија Митева незаконското поставување на привремен раководител на Вишото јавно обвинителство.

-Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања,го појаснувам следното

-Сакам да укажам дека не е првпат да се постапува на овој начин и приоритет беше во случајот да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи. Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на привремен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје. Според тоа ве уверувам дека моето постапување во овој случај, како и во целокупното мое работење е согласно закон, а со цел овозможување на непречено и законито функционирање на јавното обвинителство и заштита на јавниот интерес”, истакна Јавниот обвинител Коцевски.

Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска  изјави дека поставувањето на привремен раководител на Вишото јавно обвинителство, за што Владата тврди дека е противзаконско, го одлучиле едногласно на седница на Советот со цел да не трпи работата во Вишото додека се одлучува по дисциплинската одговорност на обвинителот Мустафа Хајрулахи.

Мислењето на Советот за јавни обвинители  не е обврзувачко бидејќи пратениците самостојно ќе одлучуваат, по расправата, со гласање ќе ја прифатат или ќе ја отфрлат иницијативата на Владата за негово разрешување.

Ова е втора владина иницијатива за разрешување на државен обвинител. Во 2017 година, со 64 гласа „за“, беше разрешен тогашниот републички обвинител Марко Зврлевски поради негово незаконско и ненавремено извршување на функцијата. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ