На покана на ликовната уметница со македонско потекло, Анита Алабо и визуелната уметница од Франција, Јоланда Ајо, член на асоцијацијата на ликовни уметници од Париз, втора година по ред, учесници на оваа уникатна изложба се и учениците од четврто до деветто одделение од ООУ „Крсте Мисирков“, заедно со ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски од Гевгелија. Тие, создадоа над 300 ликовни творби под будното око на наставниците Александар Јанев, Елизабета Караниколова, Розета Картова и Наташа Смилкова, инспирирани од нивните омилени книги

 

Во познатата галерија „Менил 8“ во Париз, од 5 до 9 февруари, по четврти пат беше отворена изложбата „Мојата омилена книга“, на кој беа претставени цртежи, од млади уметници кои создаваат ликовни творби инспирирани од нивните омилени книги. Овој пат, изложбата имаше интернационален карактер бидејќи  на неа учествуваа ученици од девет основни училишта од Париз, Франција, едно училиште од Фес, Мароко, и две училишта од Гевгелија, Македонија.

На покана  на ликовната уметница со македонско потекло, Анита Алабо и визуелната уметница од Франција, Јоланда Ајо, член на асоцијацијата на ликовни уметници од Париз, втора година по ред, учесници на оваа уникатна изложба се и учениците од четврто до деветто одделение од ООУ „Крсте Мисирков“ заедно со ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски од Гевгелија. Тие, создадоа над 300 ликовни творби под будното око на наставниците Александар Јанев, Елизабета Караниколова, Розета Картова и Наташа Смилкова, инспирирани од нивните омилени книги. Овие ликовни дела гевгелиската јавност имаше можност да ги види во декември 2024 година на изложбата во големата сала на средното училиште „Јосиф Јосифовски“, а за која информираше и весникот „ВЕЧЕР“.

Комисијата, во која членуваа ликовни уметници и наставници од Гевгелија тогаш  избраа најдобри 60 творби, кои беа дел од овогодишната изложба во Париз.

Зад овој проект инаку стои Јоланда Ајо, позната под уметничкото име Мис Јо.   Родена во Париз, оваа  визуелна уметница, член на здружението на уметници на Париз, студирала на повеќе престижни универзитети и работела во повеќе  рекламни агенции. Љубител на филозофијата, литературата и историјата на уметност, Јоланда сака да ги сподели своите страсти со пошироката јавност, како и со уметничкиот проект „Мојата омилена книга“, од која е отпечатено четврто издание.

За да го поддржи проектот „Мојата омилена книга“ таа преку годината одржува работилници за цртање во париските училишта за да им објасни на учениците како да се создаде корица на книга. Покрај персонализираните работилници за цртање, Мис Јо одржува и забавни работилници за пишување за пошироката  публика.

Јоланда на отворањето на изложбата истакна:„Идејата е да ги славиме уметноста и литературата, нудејќи шанса учесниците да ја креираат корицата на нивната омилена книга. Застапени се сите книжевни жанрови: стрипови, песни, поезија, книги на странски јазици… Сите овие корици на книги, изложени во оваа галерија, претставуваат едно поврзување на литературата, детската креативност и визуелната уметност“.

На отворањето, свој музички и поетски перформанс имаа Ален Тулмонд и Пет Грифитс, кои на себе својствен начин ја поврзаа музиката и поезијата.

Во текот на траењето на оваа изложба, од 5 до 9 февруари, во галеријата „Менил 8“ беа одржани и повеќе придружни настани, како раскажување на приказни на знаковен јазик, оригиналната театарска претстава „Достава на книги“ како и поетски моменти анимирани од поетесата Елизабет де Кутиврон.

Четвртото издание на „Мојата омилена книга“ доаѓа по успехот на претходните три изложби на кои, како и сега, беа претставени прекрасни цртежи создадени од возрасни, деца, училишта, библиотеки, културни и социјални центри. Инаку, овој  проект е поддржан од Министерството за култура на Република Франција.

(Љ.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ