Црногорско народно позориште со „Господа Глембаеви“ во МНТ; Гостување по речиси десет години

20

По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорско народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март во 20 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП.

Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.

Режисерот Данило Маруновиќ изразува големо задоволство што имал можност да го постави ова култно дело на Крлежа, токму на сцената на Црногорското народно позориште. Тој ќе каже: „Првпат ја прочитав драмата на Крлежа, ’Господа Глембаеви‘, како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам и сега кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е, всушност, (освен некоја основна театарска и уметничка одговорност) присутна одговорноста Крлежа да го реализираш во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него.“

Маруновиќ забележува и дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана, и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст.

Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.

„Господа Глембаеви“ на ЦНП премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одѕив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе биде во можност, по речиси десет години, повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.

Инаку, нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби.

МНТ ќе соработува со Еуропа Прима

Директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, и ректорот на факултетот на Еуропа Прима – Скопје, проф. д-р Александар Трајковски, неодамна потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции.

Како што соопштија од театарот, во согласност со изразената желба на двете институции за развивање партнерски односи, дефинирање на конкретни програмски активности, како и подобра соработка во областа на културата, се овозможува учеството на студентите од Универзитетот (како дел од нивната практична работа), за време на студиите во тековните проекти во МНТ.

Тоа значи користење на просторниот капацитет на МНТ за подготовка и одржување на магистерски и дипломски испити, следење на претставите од тековниот репертоар на МНТ од страна на студентите на Универзитетот, без финансиска надомест, како и користење на просторните и технички ресурси на Универзитетот за потребите на МНТ.

-Двете институции со овој Меморандум, поставуваат основа за долготрајно партнерство и го препознаваат значењето на размена, едукација и промоција на младите таленти, како основа за понатамошен развој на културата и уметноста во државата, велат од МНТ.

Согласно Меморандумот, на 6 февруари се одигра претставата „Еволуцијата на распадот“ по „Отело“ на Шекспир во класа по актерска игра и театарска режија на проф. Дејан Пројковски. Режисер на претставата е Дамјан Димовски.

ИЗДВОЕНИ