Висок речиси два метра, а, како што велат, пее од Ловќен (црногорска планина), тој максимално ги воодушевува обожавателките со грстот свои нежни балади, од типот на светски познатата италијанска музичка ѕвезда со која често го споредуваат луѓето од Вардар до Триглав
Македонија поодамна нема ништо слушнато за популарниот црногорски поп-пејач и некогашен црногорски претставник на Песна на Евровизија во 2014 година, Сергеј Ќетковиќ. Но, како што дознава Редакцијата на весникот ВЕЧЕР, тој се подготвува концертно да ја шармира нашата публика, секако, пред сè девојките и жените: среќно и несреќно вљубените, кои ги има во голем број и кои се вљубени во неговите песни („Мој свијет“, „Само чекај ме“, „Поглед у тами“, „Ко ли те сада милује“, „Жали, Боже, труда“, „Љубав није за свакога“…). Ние би додале со сигурност дека понежниот пол е вљубен и во неговиот атрактивен физички изглед. Висок речиси два метра, а, како што велат, пее од Ловќен (црногорска планина), тој максимално ги воодушевува обожавателките со грстот свои нежни балади, од типот на италијанската ѕвезда Ерос Рамацоти со која често го споредуваат луѓето од Вардар до Триглав.
Со концертот во Скопје, Сергеј ќе ги прослави своите 25 години присутност на естрадата. Таа ноќна концертна серенада ќе се случи на 21 март, со почетокот на пролетта, во Македонската филхармонија, а во организацијата на „Eventum“. За него обожавателките зборуваат дека кога пее, песните допираат до нивните срца и емоции, па често се случува и да заплачат.
– Секоја нота, секој стих е како воздишка на душата. Само неговата музика може да ми ги освежи спомените на една моја стара непрежалена љубов – вели една скопска обожавателка на Сергеј.
Затоа, секој што ќе биде на концертот на Сергеј, а просторот на Филхармонијата е како измислен за таков репертоар, ќе биде дел од тоа музичко доживување. Исполнето со љубов и со музика, кои се спојуваат во совршена хармонија. Д.М.