На иницијатива на Министерството за образование, наука и иновации, училишните одбори на основните и средните училишта во Црна Гора донесоа одлука за забрана за користење на мобилни телефони за време на наставата, освен во случаи кога нивна употреба од страна на предметниот наставник е предвидена како наставна алатка за реализација на одредени наставни единици преку секојдневна подготовка. Ова го соопшти ресорното министерство.
„Одлуката предвидува и посебни околности (итни случаи, здравствени причини и слично) во кои учениците по одобрение од предметниот наставник или управата на училиштето можат да користат мобилен телефон. Во наредните денови Министерството за образование, наука и иновации, во соработка со училиштата, ќе ги создаде потребните предуслови за целосно спроведување на донесената одлука“, се вели во соопштението.
Тие наведуваат дека споредбената практика во голем број земји покажала дека укинувањето на мобилните телефони во училиштата генерира позитивни ефекти врз резултатите што ги постигнуваат учениците во образовниот процес, па сосема е очекувано и забележано дека има зголемување на бројот на земји кои, генерално или во рамките на поединечни образовни институции, воведуваат различни форми на делумна или целосна забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата.
„Покрај тоа, на ниво на Црна Гора има училишта кои веќе имаат донесено прописи за забрана за користење на мобилни телефони за време на наставата, а позитивните ефекти од оваа одлука ги потврдија и наставниците и родителите, но и самите ученици“, се вели во соопштението.