
Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) ги потврди резултатите од парламентарните избори одржани на 9 февруари, со што се отвора патот за формирање на нови институции, јавува Радио Слободна Европа.
ЦИК на седница одржана денеска со девет гласа „за“ и два „против“ ги потврди конечните изборни резултати.
Двајца членови на ЦИК од движењето Самоопределување, Сами Куртеши и Албан Красниќи, се спротивставија на потврдувањето на резултатите, иако Врховниот суд ја одби нивната жалба за поништување на поштенските гласови и повторување на гласањето.
Ќе ги следиме законските прописи и ќе поднесеме барање до Уставниот суд за привремена мерка. Се додека не се исцрпат сите законски канали не може да се гласа за потврдување на конечните резултати“, рече Куртеши.
Според конечните резултати, на изборите победи Движењето „Самоопределување“ со 42,30 отсто од гласовите, потоа Демократската партија на Косово со 20,95 отсто и Демократската лига на Косово со 18,27 отсто од гласовите.
На четврто место е коалицијата на Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива која добила 7,06 отсто.
Српската листа – најголемата српска партија во Косово – освои 4,26 отсто од гласовите.
По потврдувањето на конечните изборни резултати, ќе следи конституирање на новото Собрание на Косово, а потоа и формирање на нова Влада.
Според Уставот и Деловникот на Собранието, по потврдувањето на конечните изборни резултати, претседателката на Косово Вјоса Османи во рок од 30 дена мора да свика конститутивна седница на Собранието.
Функцијата претседател на Собранието и припаѓа на партијата која победи на изборите, во случајов на движењето Самоопределување.
Во меѓувреме, најголемите политички партии предлагаат кандидат за потпретседател, а пратениците од редовите на српската и другите немнозински заедници предлагаат еден заменик за потпретседател на Собранието.
Претседателот и потпретседателот се избираат со мнозинство гласови. Конститутивната седница, според Деловникот на Собранието, завршува со нивен избор.
По ова ќе следи формирање на нова Влада, а претседателот на Косово е должен прво да го додели мандатот на победничката партија.
За новата косовска влада треба да гласаат најмалку 61 пратеник.
Движењето Самоопределување освои 48 пратенички места, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Српската листа девет, а коалицијата Алијанса за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива осум места во Собранието.
Ниту една партија нема мнозинство за да формира влада, затоа ќе мора да се прават коалиции.
Самоопределување претходно изјави дека планира да формира нова влада со поддршка на малцинските несрпски заедници.
Најголемите албански партии, исто така, рекоа дека нема да поддржат влада предводена од Самоопределување.
Доколку Самоопределување за состав на Влада не обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник, претседателот е должен во рок од 10 дена повторно да ги повика политичките партии на консултации и по сопствено наоѓање да назначи нов мандатар кој ќе успее да докаже дека го има потребното мнозинство за формирање Влада.
Новиот мандатар потоа има рок од 15 дена да го претстави составот на владата пред Собранието.
Доколку по 40 дена не се формира влада, претседателот на Косово мора да распише нови избори, кои ќе се одржат 40 дена по објавувањето на одлуката.