Церемонија во Ватикан: Ковчегот со телото на папата Франциск е пренесен во базиликата Свети Петар

227
EPA-EFE/ALESSANDRO DI MEO

Утрово во Ватикан започна свечената церемонија на пренесување на ковчегот во кој се наоѓа телото на папата Франциск од резиденцијата Каза Санта Марта во базиликата Свети Петар, каде верниците ќе можат да оддаваат почит во следните три дена, јавуваат медиумите.

Церемонијата започна во капелата Санта Марија, каде што се одржа кратка верска служба.

Потоа, ковчегот со телото на папата беше пренесен преку плоштадите Санта Марта и Пјаца деи Протомартири кон базиликата, со звукот на ѕвоната во негова чест.

Швајцарската гарда, чија улога е да го штити папата, маршираше на плоштадот Свети Петар и се построија во неговиот центар како подготовка за пристигнувањето на ковчегот на папата, јавува Би-Би-Си.

Базиликата ќе биде отворена за јавноста од 11 часот по локално време, а илјадници верници се собраа во раните утрински часови за да му оддадат последна почит на починатиот поглавар на Римокатоличката црква.

Десетици илјади луѓе од Италија и од целиот свет се очекува да дојдат во Ватикан во наредните денови за да се простат од папата.

Папата Франциско, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, беше првиот папа од Латинска Америка.

Тој почина на 21 април на 89-годишна возраст, а директорот на Одделот за здравје и хигиена на Ватикан, Андреа Аркангели, објави дека папата починал од мозочен удар и срцева слабост.

Според Канцеларијата за литургиски настани во Ватикан, тој ќе биде погребан во сабота на 26 април.

ИЗДВОЕНИ