Централната и локалната власт заедно ќе се справуваат со предизвиците од пожари и поплави

19

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека државата има тотално нефункционален кризен систем кој би требало да одговори на состојби, како пожари, поплави и дека е потребно креирање на функционален систем преку создавање на квалитетна законска легислатива. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, смета дека голем дел од проблемите ќе се надминат со поддршка од централната власт

 

Превенцијата е клучниот елемент за справување со предизвиците и само со заедничка посветеност, централната и локалната власт можат да изградат систем кој ќе биде подготвен да одговори на сите кризи, смета претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој вчера беше дел од седницата на управувачкиот комитет за координација и управување со Системот за управување со кризи, со која раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

– Како приоритет би ја посочил потребата од реформи во противпожарната заштита и создавање ефикасен и финансиски одржлив систем за заштита и спасување. Сметам дека поради недоволната финансиска поддршка и старите возни паркови на Противпожарните единици, функционирањето на општините е отежнато. Општина Кисела Вода набави ново противпожарно возило, кое ќе биде ставено на располагање на Противпожарната бригада за подобра ефикасност при интервенции. Обезбедивме и простории за нова противпожарна станица. За жал, иако се направени сите подготовки и адаптации, оваа станица сè уште не е функционална поради причини познати на градоначалничката на Град Скопје – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека дополнително, Општина Кисела Вода набавила и мултифункционален багер за расчистување на речните корита, кои како што кажа често се главната причина за излевање на реките и поплави.

– Освен што како градоначалници треба да дејствуваме посветено, секој во својата општина, потребна е и заедничка работа и силна поддршка од централната власт. Во овој момент, со оглед на сето она што се случува во изминатиот период, јас сум голем оптимист околу надминување на голем дел од проблемите токму преку поддршка од централната власт за решавање на системските проблеми – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој апелираше на уште поголема соработка, која како што истакна, има за цел да обезбеди стабилност и безбедност на граѓаните.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој управува со комитетот, по седницата наведе дека државата има тотално нефункционален систем кој би требало да одговори на кризни состојби, пожари, поплави и дека е потребно креирање на функционален систем преку создавање на квалитетна законска легислатива.

– Освен ад хок решенија, да создадеме систем кој ќе биде функционален и да одговори на овие состојби. Ангажирани се странски експерти кои со нивното искуство ќе помогнат во насока на збивање на редовите во Македонија, што значи дека идејата на Владата за спојување на одредени институции, најверојатно ќе треба да се имплементира најскоро што може, да се создаде законска легислатива и понатаму да одговориме сериозно како што и доликува на една држава – заклучи Тошковски.

 

ИЗДВОЕНИ