Скопските општини го одврзаа ќесето и одвоија дел од своите буџети за новогодишното украсување, како и за предновогодишните програми и настани со кои им овозможија на граѓаните празничен амбиент и многу забава.

Прва со новогодишното украсување, уште на 21 ноември, почна Општина Центар, која најмногу потрошила за новогодишното празнување. Како што информираа оттаму, биле потрошени 3.700.000 денари за бројните светлосни украси, елки и декоративни елементи што беа поставени на најфреквентните локации во Општината.

Од Општината велат дека, освен тоа, за предновогодишната детска забава и за вечерната програма, во која беше вклучен и настапот на бендот „Нокаут“ и на диџеј Александар Јорданов, биле издвоени дополнителни 300.000 денари.

Општина Кисела Вода, пак, за новогодишното украсување и за предновогодишните настани, но и за целодневната програма на 31 декември 2024 година, која се реализираше под слоганот „Скопска новогодишна приказна“, на платото пред салата „Расадник“, потрошила 2.900.000 денари. Оттаму нагласуваат дека во овие средства е вклучена и незаборавната вечерна програма на која настапија  групата „Куку леле,“ Игор Џамбазов заедно со „Гуру Харе бенд“, ДНК, Врчак и Лозано.

Општините Гази Баба и Чаир потрошиле по околу 20.000 евра.

Од Општина Бутел информираа дека новогодишното украсување и предновогодишната програма на 24 и на 25.12.2024 година чинеле околу милион денари. Општина Ѓорче Петров, според податоците за новогодишното украсување, потрошила најмалку, односно, како што изјави градоначалникот Александар Стојкоски, тоа ги чинело 800.000 денари со вклучен ДДВ.

Скопје годинава беше скромно украсено, речиси и да немаше предновогодишни настани. За тоа колку го испразнил Град Скопје својот буџет кога се новогодишните празници во прашање, градските власти повторно молчат.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ