Денеска АДИССДП објави јавен оглас за продажба на 65 станови и паркинг-места во зграда во Битола, кои ќе се продаваат преку усно јавно наддавање, по почетна цена од 1.000 евра за квадратен метар. За станбениот простор може да аплицираат заинтересирани правни и физички лица (домашни и странски). Според условите на огласот, за најповолен понудувач на лицитацијата се утврдува највисоката цена на наддавањето. – Во овој град е предвидена градба на уште еден станбен објект со вкупно 60 стана – вели генералниот директор на АДИССДП, Марјан Стефановски, во интервју за весникот ВЕЧЕР што ќе биде објавено в среда. Освен во Битола, планирано е намалување на високите цени на недвижностите и со изградба на згради во Скопје, Штип и во Велес
Дивеат цените на пазарот на недвижности, а Владата одлучи, преку изградба и продажба на државни станови, да ја намали цената на станбениот квадрат за 30 до 40 проценти. Уривањето на цените започнува во Битола. Денеска, АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) објави јавен оглас за продажба на 65 стана и паркинг-места во зграда во Битола, кои ќе се продаваат преку усно јавно наддавање, по почетна цена од 1.000 евра за квадратен метар.
За станбениот простор може да аплицираат заинтересирани правни и физички лица (домашни и странски). Според условите на огласот, наддавањето ќе биде јавно, а за најповолен понудувач на лицитацијата се утврдува највисоката цена на наддавањето.
– Јавноста веќе е запознаена дека цената ќе биде за 30 до 40 проценти пониска од онаа на пазарот во моментов, односно почетната цена ќе изнесува 1.000 евра за квадратен метар. Во овој град е предвидена градба на уште еден станбен објект, со вкупно 60 стана – вели генералниот директор на АДИССДП, Марјан Стефановски, во интервју за весникот ВЕЧЕР што ќе биде објавено в среда.
Освен во Битола, планирано е намалување на високите цени на недвижностите и со изградба на згради во Скопје, Штип и во Велес.
– Во моментов, во фаза на градба е комерцијална зграда во градскиот кварт Даре Џамбаз, кај старата воена пекарница во Скопје. Објектот има 112 станбени единици, кои беа продадени веднаш, по само два јавни повици, што само по себе зборува за огромната заинтересираност на купувачите. Покрај почетната цена од 1.450 евра за квадрат, дополнителен показател за довербата на граѓаните во АДИССДП е и високиот квалитет на градбата, кој е, впрочем, и препознатлив елемент кај сите наши згради. Дополнително, АДИССДП ќе гради две комерцијални згради во Охрид, со вкупно 130 станбени единици. Тендерската постапка за едниот објект е веќе во тек, а за втората се очекува да почне наскоро. Според Годишната програма за изградба, продажба и одржување на станбен простор во сопственост на РМ, која е во фаза на донесување, предвидено е и проектирање на комерцијални станбени згради, и тоа во Штип, Битола, Скопје и во Велес – нагласува Стефановски.
Според него, најавените засилени инвестиции во изградба на комерцијални станбени згради се во насока на намалување на цената на станбениот квадрат, а со тоа и на неконтролираниот раст.
– Оттука, за вистински да ја оствариме улогата на коректор на цената на станбениот квадрат, нам ни е потребна изградба на поголем број комерцијални станбени згради, но ќе ни треба одреден временски период за тоа. Нашите планови се да се наметнеме како посериозна конкуренција на приватните инвеститори – потенцира Стефановски.
Интервенцијата на државата на пазарот на недвижности со продажба на поевтини станови за вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, значи да ги направи становите подостапни за граѓаните, особено во посочените четири града, каде што цената на станбениот квадрат најмногу галопира.
– Моментално, цените на комерцијалните станови во неколку града галопираат. Се обидуваме да интервенираме со оваа цена, која е далеку пониска од она што моментално се нуди на пазарот – вели Николоски.
Според него, цените на становите не соодветствуваат на животниот стандард на граѓаните.
– Во текот на следните неколку месеци, државата ќе се фокусира на изградба на нови комерцијални станови во Скопје, Охрид и во Штип, а како дополнителен напор, ќе бидат изградени и социјални згради. Младите брачни двојки не може да си дозволат дом по цени од 2.500 до 3.000 евра за квадрат. Затоа, оваа иницијатива е наша интервенција да се создадат попристапни услови за сите граѓани – додава Николоски.
(С.Бл.)