Во САД се соочуваат со недостиг на јајца. Поради тоа, тамошните трговци се принудени да го набавуваат овој прехранбен производ од Турција. Централното здружение на производители на јајца на Турција излезе со информацијата дека се планира годинава да се извезат рекордни 420 милиони јајца во САД.

Овој недостиг е предизвикан од птичјиот грип, од кој умреа 140 милиони птици во САД, од 2022 година. Само во ноември и декември минатата година умреа 17 милиони птици. Според последните податоци, табла со 10 јајца чини 4,95 долари, а некои синџири како „Costco“ и „Trader Joe’s“ ја ограничуваат продажбата по клиент.

Американското Министерство за земјоделство прогнозира дополнителен пораст за 20 % на цените на јајцата оваа година, по веќе зголемените цени од 15,2 % во јануари. САД обично произведуваат над 1,75 милијарди јајца годишно, но овој број ќе продолжи да се намалува поради птичјиот грип.

Турција, која е петти најголем извозник на јајца во светот, минатата година извезла јајца во вредност од 411 милиони долари. Оваа година, извозот во САД ќе изнесува 37 милиони долари и се очекува Турција да извезе шест пати повеќе јајца во САД отколку лани.

ИЗДВОЕНИ