Пратеничката група на Левица предлага измени и дополнувања на Законот за јавните патишта со кои ќе се овозможи намалување на цените на патарините за 50 отсто и законска регулација на висината на патарината и нивната наплата. Пратеникот Амар Мециновиќ објасни дека со години македонските граѓани плаќаат високи цени за патарини, додека патиштата остануваат во катастрофална состојба со дупки, свлечишта, незавршени делници и криминални тендери.

– Само во 2023 година, државата наплатила 62 милиони евра од патарини со што Македонија е меѓу земјита со најскапи патарини во регионот и на континентот.  Првата измена е патарините да се намалат за 50 проценти, додека, втората висината на патарината и нивната наплата да биде регулирана со закон. Со овој закон износот што го плаќа народот за користење на патиштата ќе биде намален за половина, за сите категории на возила – рече Мециновиќ.

Втората измена е тоа што висината на патарината и нивната наплата за прв пат ќе бидат регулирани со закон наместо со правилник на Влада, со што, како што изјави Мециновиќ, ќе воведе транспарентност во носењето на одлуките поврзани со патарините.

– Го повикуваме Собранието веднаш да го усвои овој закон, а за јавноста посочуваме дека од позиција на одлучување Левица би вовела вињета систем за нашите патарини – дополни Мециновиќ.

ИЗДВОЕНИ