Глобалните цени на нафтата се искачија на највисоко ниво во последните четири месеци, бидејќи трговците се загрижени дека новиот бран американски санкции кон рускиот енергетски сектор може да го наруши и да го намали снабдувањето на пазарот.
Според податоците на берзата, цената на нафтата брент во еден момент порасна на 81 долар за барел, а цената на американската нафта WTI се движи речиси 78 долари.
Соединетите Американски Држави во петокот ги воведоа досега најагресивните и амбициозни санкции за руската нафтена индустрија, насочени кон големите извозници, осигурителните компании и големиот број танкери, од кои некои наводно се дел од таканаречената флота во сенка, која ги заобиколува постојните санкции против Москва.
Цените на нафтата се зголемија во последните недели, поттикнати од постуденото време, падот на резервите во САД и од шпекулациите дека претставниците на Трамп би можеле да ги заострат санкциите за иранската нафта во наредните месеци, пишува „Блумберг“.
Пакет-санкциите подготвени од администрацијата на Бајден во заминување може дополнително да го нарушат пазарот и потенцијално да ја променат пазарната рамка за нафтениот картел ОПЕК +, кој планира постепено да го зголемува производството оваа година.