Цената на луксузните станови во Белград надмина 9.000 евра за квадрат, а паркинг-простор се продава за 52.000 евра

107

Белград е, очигледно, „гладен“ за луксузни станови, за што сведочат цените по кои се продаваат оние во градба, но и оние што сè уште се во проект.

Во српската престолнина, како што пишува „Форбс Србија“, се градат или наскоро ќе почнат да се градат четири комплекси, кои ќе ја збогатат понудата на квалитетни, луксузни апартмани во наредните години. Тоа се Делта Дистрикт, Дунав Риверсајд (на местото на неодамна срушениот хотел „Југославија“), Марина Дорќол и Трамп Тауер.

Според Миодраг Газибара, директор на консултантската фирма „Кордон“, Дунав Риверсајд ќе понуди 525 стана, а цената на квадратот почнува од 9.000 евра со вклучен ДДВ. Се очекува цената на гаражниот простор да биде 50.000 евра. Меѓу погодностите што ќе им бидат достапни на идните сопственици се вежбалница, спа-центар, приватно кино, простор за домашни миленици, па дури и симулатор за голф. Сепак, сè уште нема индикации кога би можеле да се вселат првите станари, пишува „Форбс Србија“.

Се очекува првите станари во комплексот Делта Дистрикт, кој се гради меѓу хотелот „Хајат“ и „Сава центар“, да се вселат во 2027 година. Цената за квадратен метар е од 7.000 евра нагоре, додека паркинг-место се продава од 42.000 до 52.000 евра. И таму станарите ќе имаат вежбалница, спа-центар, приватно кино, соба за игри итн. Сè уште не е познат бројот на станови и станува збор за т.н. деловни станови.

Газибара вели дека изградбата и понудата на недвижности во Марина Дорќол и во Трамп Тауер ќе почнат наскоро. За Марина Дорќол, одобрението за градба е добиено овој месец. Во првата фаза ќе се понудат 263 стана по цена од 5.700 до 9.000 евра за квадрат. За Трамп Тауер се знае само дека ќе има 1.500 стана, но сè уште не е објавена ни цената ни годината на вселување.

– Овие четири проекти ќе нудат меѓу 250 и 300 стана годишно. Тоа е околу 1,5-2 % од вкупниот пазар. Дополнително, тоа што има побарувачка за толку скапи станови е повеќе одраз на фактот што нудат одредени квалитети. Тоа се: локацијата, погледот, квалитетот на градбата и дополнителните удобности. Мал сегмент потенцијални купувачи ги препознава овие станови и има можност и желба да плати за нив – вели Газибара за „Форбс Србија“.

Според податоците на „Кордон“, во Белград се чувствува недостиг на проекти во категоријата станови со цена за квадрат од 5.000 до 6.000 евра.

ИЗДВОЕНИ