Во големиот пожар што избувна во раните утрински часови во зграда спроти бараките на Општина Кисела Вода, за среќа, нема жртви, но повредени се петмина – двајца станари, еден полицаец и двајца пожарникари, кои интервенирале. Целосно е изгорен еден стан и има штета на соседниот.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, објави на социјалните мрежи дека, по пожарот, противпожарната служба, заедно со полицијата, ги евакуирала станарите, кои биле сметени во неговиот кабинет, каде што ја поминале ноќта. Тој соопшти дека ќе најде преноќиште за станарите и дека ќе помогне со сите ресурси за да се надомести штетата.
– Веднаш се упатив со мојот тим на местото на настанот. Жителите на зградата беа евакуирани на безбедно и топло, во мојот кабинет. Заеднички ќе најдеме решение за сето ова, не го оставам мојот народ на милост и на немилост. Сакам да им се заблагодарам на екипите на Противпожарната бригада од Скопје и на МВР, кои со својата професионалност беа на висина на задачата и пожарот е локализиран. Што е најважно, нема човечки жртви. Исто така, сакам да им изразам благодарност и на соседите за смиреноста, заедно спречивме голема катастрофа. И оваа трагедија заеднички ќе ја надминеме – напиша Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Вчера, надлежните служби работеа на терен за утврдување на причините за настанување на пожарот.
(С .Би.)