Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека не знае 100 отсто за што разговарале руските претставници со американскиот специјален претставник за Блискиот Исток, Стив Виткоф во четвртокот во Москва, но дека прекинот на огнот мора да биде целосен „без никакво но“.
„Она што се случи во Москва, разбирам… не можеме 100 отсто да знаеме за што зборувале овие луѓе. Но, ние разбираме дека ќе има многу различни обиди да се стави Украина во тешка ситуација. И позицијата на Америка е многу важна тука: ако има целосен прекин на огнот, не може да има „но“, рече Зеленски“, пренесува Укринформ.
Како што наведе, ставот на сите мора да биде јасен, транспарентен, вистинит, „без губење на достоинството на страните“.
Зеленски истакна дека претставник на американскиот преговарачки тим веќе се сретнал со руската страна, а во блиска иднина ќе се одржи уште една координативна средба меѓу САД и Украина.
Тој додаде дека украинската страна се надева на цврст став од американскиот претседател Доналд Трамп во случај Русија да не се согласи на прекин на огнот.
„Во наредните денови ќе се координираме со САД за следните чекори. Цврсто веруваме дека ако Русите не се согласат со предлогот, позицијата на Трамп ќе биде јасна, остра и директна кон (рускиот претседател Владимир Путин)“, рече украинскиот претседател.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф во четвртокот ја посети Москва, каде меѓу другото се сретна со Путин.
Кремљ соопшти дека Путин преку Виткоф му дал на Трамп „дополнителни информации и дополнителни сигнали“.