Жителите во зградата број 2, влез 3, на улицата „Шеснаесетта македонска бригада“ повеќе од една година се жалат на лица што, според нив, се вселени без договор во стан на нивни сосед и наместо да го користат за живеење, го користат за готвење разновидна храна, пред сè на внатрешни органи од животни, за угостителски објект во Аеродром.
Тие реагираат на неподнослива смрдеа при готвењето, која се шири во целата зграда. Велат дека два пати била повикана полиција, која само ги опоменала станарите што готват и сè останало на тоа.
– Пријавувано е и во Агенцијата за храна и ветеринарство, од каде што вршат инспекција само во објектот во Аеродром и утврдуваат дека тој не исполнува никакви хигиенски услови, иако пријавата се однесува на тоа да извршат инспекциски надзор во станот, согласно со член 48 од Законот за безбедност на храната – велат жителите.
Случајот бил пријавуван и во Инспекторатот за домување во Општина Гази Баба, од каде што, исто така, извршиле надзор и утврдиле неправилности, но, како што велат жителите, наводно не можеле да изречат мерки, бидејќи сопственичката на станот била во странство. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се запознаени со случајот за кој биле поднесени до нив претставка и иницијатива за вршење инспекциски надзор, но додаваат дека немаат основ за постапување, бидејќи од инспекциските служби се вршат контроли само на регистрирани/одобрени оператори со храна, а такви, по спроведена проверка во регистрите на оператори со храна на АХВ, не се евидентирани на посочената адреса.
– Со дополнителна проверка на регистрите што ги води АХВ, утврдено е дека посоченото лице во претставката не е сопственик, туку е само вработено лице кај регистриран оператор со храна во Општина Аеродром и тој е контролиран од инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство. Спроведени се два поединечни надзори кај овој оператор со храна, кај кој се констатирани одредени недостатоци, кои се отстранети со решение, во утврдениот рок – тврдат од АХВ.
Од Регулаторната комисија за домување велат нема доставено до нив предмет со оваа или со слична содржина, но и дека инспекцискиот надзор за примената на Законот за домување и на прописите донесени врз основа на тој Закон го вршат овластени инспектори за домување во општините и општините во Градот Скопје, во рамките на надлежната инспекциска служба.
– Согласно со член 60 став 3 на Законот за домување, доколку е отсутен непрекинато повеќе од три месеци од местото каде што се наоѓа посебниот дел, сопственикот на посебниот дел е должен да овласти друго лице да одлучува во негово име во органот на управување – појаснуваат од Регулаторната комисија за домување.
Во однос на тоа дали е реагирано за овој проблем и што е преземено, до затворањето на весникот не одговорија ниту од МВР ниту од Општина Гази Баба.
(А.П.)