Љубителите на ММА, викендов, ќе можат да уживаат во неколку спектакуларни борби во кафезот, на настанот УФЦ 311, на кој главна борба на вечерта ќе биде дуелот меѓу Ислам Махачев (26-1) и Арман Царукијан (22-3), за титулата во лесна категорија.
Претходно, силите ќе ги одмерат уште неколку познати борци, како Мераб Двалишвили (18-4) и Умар Нурмагомедов (18-0) во борбата за шампионската титула во бантам категорија. Првата борба на главниот настан ќе биде меѓу Кевин Холанд (26-12-1) и Рајнер Де Ридер (18-2) во средна категорија.
Де Ридер е поранешен двократен шампион на ОНЕ, со освоени титули во средна и полутешка категорија. Тој ги доби првите 16 борби во својата професионална кариера, но потоа ги загуби следните две од Русинот Анатолиј Малихин. Своето деби во УФЦ го имаше пред само два месеца, кога во третата рунда го нокаутираше Џералд Мершарт. Од другата страна на октагонот е Холанд, борец кој постигна рекорд на УФЦ во 2020 година со победа на пет борби во една календарска година и секогаш го привлекува вниманието на навивачите на ММА, но и надвор од кафезот.
Вкупно 12 борци на УФЦ се бореа пет пати во една календарска година, а само тој, Нил Мањи и Роџер Хуерта дојдоа до пет победи во исто толку натпревари. Во последно време се наоѓа во променлива форма, со три победи и пет порази во последните осум натпревари.
Во пресрет на овој дуел, Холанд се појави во еден поткаст, во кој се потсети на неговата борба и поразот против Марвин Ветори во 2021 година. Тој истакна дека цела недела пред тоа бил под дејство на марихуана и дека бил „напушен како змеј“.
- Во борбата против Марвин Ветори бев напушен како змеј. Не за време на самата борба, но цела недела претходно бев напушен како змеј. Пет рунди не ми беа ни во глава. Пред борбата со Дерек Брансон бев загрижен дека нема да можам да пушам толку многу бидејќи се пет рунди. Но, бев под стрес бидејќи и онака загубив, изјави Холанд, па додаде:
- Си реков дека пред следната борба сепак ќе пушам. Скокнав против Ветори во последен момент, се борев и сè останато. Не почувствував голема разлика. Кога се борите пет рунди, тие дуели обично имаат малку побавно темпо, порелаксирано влегува натпреварот, заврши Кевин.