Цената на пченицата на европските берзи расте. Земјоделските експерти оценуваат дека состојбата со пченицата е лоша, освен што цената ќе биде висока ќе нема од каде да увеземе. Трговската војна меѓу САД и ЕУ има влијание и на нашиот пазар и врз цените на земјоделските производи. Експертите оценуваат дека овие промени во цените се поврзани со глобалната економска неизвесност и со потенцијалните промени во понудата и побарувачката, особено во контекст на политичките и економските трендови.
-Кај нас засадените површини со пченица и јачмен се намалени и немаме доволно количества. Причините се ниските откупни цени и намалениот интерес за одгледување. Јачменот се откупува од 16 до 18 денари за килограм, а пченицата од 14 до 16 денари за килограм. Овие цени се нерентабилни и не ги покриваат производствените трошоци. Како стратешка култура државата треба да одреди заштитна цена на пченицата. Последната утврдена поизводствената цена на пченицата од Земјоделски институт е 19 денари за килограм плус 25 отсто заработувачка. Јачменот е на слободен пазар и кај него има друг проблем. Имаме мало производство и голема побарувачка. И покрај тоа во текот на жетвата имавме извоз на јачмен во Грција и сега имаме дефицит од оваа култура, изјавија за весникот ВЕЧЕР од Националната земјоделска мрежа.
Земјоделците велат дека сè што е под 24 денари за килограм пченица и 20 денари за килограм јачмен за нив е неприфатливо.
-Ќе имаме проблем со пченицата, ќе нема од каде да ја увеземе и цената ќе биде висока. Поради тоа и цената на лебот ќе скокне. Трговската војна меѓу САД и ЕУ има влијание и на нашиот пазар и врз цените на земјоделските производи. Освен тоа ќе се зголемат цените на ѓубривата и на другите репроматеријали поради царините кои ЕУ ги стави за увоз на ѓубрива од Русија. Сето тоа ќе влијае и врз продукцијата и рентабилноста на нашето производство и ние не можеме да бидеме имуни на глобалните текови, појаснуваат земјоделските експертите.
На европските берзи оваа недела цената на пченицата порасна на 5,6729 долари за бушел – 27,216 килограми. Овие промени во цените се поврзани со глобалната економска неизвесност и со потенцијалните промени во понудата и побарувачката, особено во контекст на политичките и економските трендови. Зголемените цени на пченицата можат да имаат значителни ефекти и на пазарите и цените на клучни суровини.
Царините кои Доналд Трамп ги воведе за увоз на сите прехранбени производи, вклучувајќи ја и пченицата ќе влијаат на економиите на сите земји. Ако извозот на пченица и пченка од САД опадне поради царините, земјите кои се снабдувале со овие производи од американскиот пазар, можат да побараат алтернативни добавувачи. Србија, како значаен производител на овие производи, би можела да доживее промени во побарувачката од земји кои ги приспособуваат своите стратегии за снабдување.
Политиките на американскиот претседател ќе имаат последици и во нашата земја, а со оглед на условите кои би можеле да настанат, многумина предвидуваат зголемена побарувачка за пченица и пченка од Србија и со тоа зголемување на нивните цени. Со оглед на сите политички и економски услови, производителите на пченица и пченка, но и инвеститорите на пазарот во Србија, би можеле да имаат голема потенцијална добивка од овие производи во наредниот период.
(А.С.)