Европските и азиската берза паднаа, а економистите предупредуваат на можна рецесија на американската економија и влошување на трговските односи, откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера воведе царини од 25 проценти за производите од Канада и Мексико, а за кинескиот увоз ги удвои од 10 на 20 проценти. Земјите погодени со овие мерки вчера почнаа да развиваат одмазднички сценарија, па се поставува прашањето дали ова е почеток на трговската војна која засегнува размена вредна 2,2 трилиони долари.
Европските и азиската берза паднаа, а економистите предупредуваат на можна рецесија на американската економија и влошување на трговските односи, откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера воведе царини од 25 проценти за производите од Канада и Мексико, а за кинескиот увоз ги удвои од 10 на 20 проценти.
Земјите погодени со овие мерки вчера почнаа да развиваат одмазднички сценарија, па се поставува прашањето дали ова е почеток на трговската војна која засегнува размена вредна 2,2 трилиони долари.
Трамп вели дека зголемените царини се одговор на, како што тврди, „недоволните напори“ на Канада, Мексико и Кина да го спречат шверцот на фентанил во САД.
-Доста беше! Нема да дозволиме овие земји да седат со скрстени раце додека Американци умираат од оваа смртоносна дрога, изјави Трамп во обраќање од Белата куќа.
Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека Канада веднаш ќе одговори со царини на 30 милијарди долара вредни американски производи. Тој додаде дека помалку од 1% од фентанилот фатен на американска граница доаѓа од Канада.
-Со насмевка на лицето ќе го прекинам извозот на струја во САД, треба да ја почувствуваат болката, веднаш одговори премиерот на Онтарио, Даг Форд, од саем во Торонто, додавајќи дека ќе возврати долар за долар со воведување царини.
САД се најголемиот увозник на електрична енергија од Канада, а оттаму увезуваат и горива и јаворов сируп. Исто така, Канада е најголем снабдувач на сурова нафта во САД. Како одговор на царините на Трамп, мерките на Канада погодуваат стока вредна 3,5 милијарди канадски долари, вклучувајќи козметика, кујнски уреди, сок од портокал, путер од кикирики, вино, пиво, кафе, облека и мотоцикли. Во вториот круг на царини се исчекува удар и на патничките возила и камиони, кои се клучни во трговијата САД-Канада. Торонто претходно најави дека ќе наметне царини од 25% на американската стока вредна 155 милијарди долари штом ќе почне примената на зголемените американски царини.
Од Мексико уште нема конкретен одговор, но мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум најави дека нејзината земја подготвила планови за вонредни ситуации.
Кина, пак, веднаш реагираше со противмерки, вклучувајќи давачки од 10-15% на одредени американски земјоделски производи. Кинеското министерство за трговија соопшти дека Кина од понеделник ќе воведе царини од 15 отсто на пилешкото, пченицата, пченката и памукот од САД, како и 10 проценти на другите прехранбени производи вклучувајќи соја, свинско и говедско месо. САД, инаку, најмногу земјоделски производи извезуваат во Кина. Цел на Пекинг, исто така, се 15 различни американски компании од секторот на воздухопловството, одбраната и технологијата. На кинескиот список има и 10 „несигурни ентитети“ кои не смеат ниту да тргуваат ниту да инвестираат во Кина.
Освен вчера воведените, САД планираат дополнителни царини за март и април, најавувајќи глобални тарифи од 25 отсто за алуминиум и челик, кои ќе стапат на сила на 12 март. Претседателот Трамп минатиот месец рече дека овие тарифи се „голема работа“ и „почеток за повторно збогатување на Америка“. Исто така, на 2 април ќе се воведат царини за увозните земјоделски производи. За истиот датум, Трамп најави царини за странски автомобили од „околу 25 отсто“. Претседателот, исто така, нареди истрага за увоз на бакар и дрво, но деталите за можните царини на овие материјали сè уште не се познати.
Експертите велат дека со ваквата трговска политика Америка си наштетува себеси. Поради трговската војна со царините не се загрижени само фирмите кои увезуваат производи во САД, туку и извозниците. Исто така, експертите велат дека граѓаните ќе се соочат со повисоки цени, но и со помала достапност на производите.
-Царините можат да доведат до поскапување на производите, намалување на извозот и потенцијално до губење работни места, рекоа економисти за Би-би-си.
На вчера воведените царини на кои погодените земји најавија одговор реагираа и берзите. Уште изутрината нагло паднаа индексите на европските и азиските берзи, како и на „Волстрит“. Стравот од трговска војна ги натера вложувачите да бидат внимателни.
Во очекување на повисоки царини е и Европа. Трамп за европскиот увоз најави царина од 25 проценти.
– Имаме преговарачи кои се борат, но треба да постигнеме избалансиран договор за да ги заштитиме своите економии, рече францускиот министер за економија Ерик Ломбард, додавајќи дека Европската Унија е најголем пазар на САД.