Претседателот Доналд Трамп воведе огромни промени во политиката, вклучително и царини какви што не се видени во модерната историја, одведувајќи ги Федералните резерви (ФЕД) на непозната територија, рече Пауел. Тој вели дека речиси е сигурно дека цените ќе пораснат поради царините, но останува прашањето дали тоа ќе предизвика забрзување на вкупната инфлација и до кој степен. ФЕД може да се соочи со предизвик каков што не видел со децении
Претседателот Доналд Трамп воведе огромни промени во политиката, вклучително и царини какви што не се видени во модерната историја, одведувајќи ги Федералните резерви (ФЕД) на непозната територија, предупреди претседателот на ФЕД, Џером Пауел.
-Ова се многу темелни промени во политиката. Не постои модерно искуство на кое можеме да се потпреме, рече тој на настан организиран од Економскиот клуб од Чикаго.
Додека тој зборуваше американските акции паѓаа и до 3,5 проценти. ФЕД е задолжен за поттикнување целосна вработеност и одржување стабилна инфлација, но царините на Трамп ги загрозуваат и двете цели. Меѓутоа, според последните податоци, американската економија моментално е во солидна состојба, пишува ЦНН, пренесува Индекс.хр.
Повеќето економисти сметаат дека е само прашање на време кога царините на Трамп дополнително ќе ја поттикнат инфлацијата, ќе ја зголемат невработеноста и ќе го забават економскиот раст, особено ако се вратат големите „реципрочни“ тарифи кои накратко важеа на 9 април, зашто Трамп го одложи историското зголемување на увозните давачки јули.
-Џером Пауел штотуку му постави на Трамп јасни правила. Тоа беше јасно предупредување за заканата од стагфлација и порака дека ФЕД нема да и помогне на Белата куќа со намалување на каматните стапки, коментира Дејвид Расел, глобален директор за пазарна стратегија во „ТрејдСтејшн“.
Трамп постојано тврдеше дека странските земји ги плаќаат тарифите што им се наметнати, но Пауел нагласи дека тоа не е точно. Како резултат на царините на Трамп, кои најверојатно дополнително ќе се зголемат, невработеноста веројатно ќе се зголеми како што економијата забавува, рече Пауел. „Многу веројатно“, додаде тој, „инфлацијата исто така ќе се зголеми“. Со други зборови, дел од царинскиот товар ќе сноси јавноста. Речиси е сигурно дека цените ќе пораснат поради царините, рече Пауел, но останува прашањето дали тоа ќе предизвика забрзување на вкупната инфлација и до кој степен. Банката на федерални резерви може да се соочи со предизвик каков што не видел со децении.
Во 1970-тите и раните 1980-ти, американската економија помина низ периоди на висока невработеност и двоцифрена инфлација, непријатна комбинација позната како стагфлација. Потоа, под водство на претседателот на ФЕД, Пол Вокер, приоритет беше да се потисне инфлацијата, дури и по цена на економска болка. Според повеќето прогнози, американската економија повторно оди на тој начин, иако не е сигурно дали навистина ќе влезе во целосна стагфлација.
-Препознаваме дека високата невработеност или инфлацијата може да бидат штетни и болни за заедниците, семејствата и бизнисите, рече Пауел.
Неколку функционери на ФЕД посочија дека централната банка треба внимателно да ја следи перцепцијата на цените кај граѓаните, што е влошена според истражувањето на Универзитетот во Мичиген. Сè уште не е јасно кога зголемените инфлациски очекувања би го принудиле ФЕД да дејствува и какви потези би направиле тогаш.