Уште од периодот пред својата инаугурација Трамп најавуваше царина од 10 проценти на целиот увоз во САД, потоа ја зголеми на 20 отсто, додека за сè што доаѓа од Кина рече дека би можело да биде оптоварено со царина од 60 проценти. На земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) им се закани со царини од дури 100 проценти ако ја поткопаат вредноста на доларот. За Мексико и за Канада најави царини од 25 отсто. ММФ предупреди дека бранот царини на Трамп може да ги влоши трговските тензии, да ги намали инвестициите и да ги наруши синџирите на снабдување во целиот свет
Европска стока ќе поскапи, а неможноста Кина да извезува во САД ќе ја преплави Европа со кинески производи. Крај на глобализацијата?
Вакви се визиите на експертите за Европа и за светот ако Трамп, кој стана претседател на САД во понеделникот, ги реализира заканите за воведување повисоки царини за производите од Европската Унија, Кина, Канада, Мексико. ММФ, пак, предупреди дека бранот царини на Трамп може да ги влоши трговските тензии, да ги намали инвестициите и да ги наруши синџирите на снабдување во целиот свет.
Засега има конкретна најава дека американските царини за кинеската стока ќе се покачат за 10 проценти од 1 февруари. Другото е во најава уште од периодот пред неговата инаугурација. Трамп прво најавуваше царина од 10 проценти на целиот увоз во САД, потоа ја зголеми на 20 отсто, додека за сè што доаѓа од Кина рече дека би можело да биде оптоварено со царина од 60 проценти. На земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) им се закани со царини од дури 100 проценти ако ја поткопаат вредноста на доларот. За Мексико и за Канада најави царини од 25 отсто. Ваквата математика Трамп ја прави во обид да ги врати работните места, но, како што рече деновиве, и да го спречи транспортот на дрога. Кога е Европската Унија во прашање, очите му ги боде трговскиот дисбаланс. Европската Унија многу повеќе извезува во САД отколку што увезува.
– Европската Унија се однесува многу, многу лошо со нас. Значи, тие ќе мора да се соочат со тарифи. Тоа е единствениот начин да се постигне правда – рече тој.
Во еден свој говор, Трамп дури ја нарече Европа „мини Кина“ и вети дека ќе донесе закон за реципрочна трговија.
– Не ги земаат нашите автомобили. Не ги земаат нашите земјоделски производи. Продаваат милиони и милиони автомобили во Соединетите Американски Држави. Не, не, не! Ќе мора да платат висока цена – рече тој на собир во Пенсилванија.
Царинската војна меѓу САД и ЕУ би можела да се претвори во проблем за американското стопанство. Непровоцираните американски царини, несомнено, би довеле до контрацарини, би можеле да ги зголемат цените за американските потрошувачи и да придонесат за инфлацијата, пишува „Дојче веле“. Сепак, за контрацарини, треба согласност од сите земји членки на ЕУ.
Според стручњаците што ги цитира ДВ, царинската политика што ја предлага Трамп особено ќе ги погоди извозно ориентираните земји. Особено на удар е најголемата европска економија, Германија, која и онака е во криза, на прагот да прогласи рецесија втора година по ред. Институтот „Ифо“ пресметал дека царината од 20 проценти би предизвикала пад на германскиот извоз во САД за околу 15 отсто и економска штета од 33 милијарди евра. Германскиот економски институт од Келн, пак, пресметал дека царините од 10 проценти би ја чинеле германската економија 127 милијарди евра во текот на четиригодишниот мандат на Трамп, а царините од 20 проценти – 180 милијарди евра. Понатамошното тонење на германската економија, особено од намалениот извоз на автомобили, ќе влијае на економиите и на низа други земји на кои таа им е најголем партнер, како, на пример, Македонија, која оттаму добива многу нарачки за работа.
Европа мора да биде подготвена и да ги предвиди потенцијалните тарифи што ќе ги воведе американскиот претседател, предупреди од самиот во Давос претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
– Бидете силни дома и погрижете се да тргувате, продавате и да купувате дома. Штедете дома и инвестирајте дома – порача таа.
Канадскиот премиер во оставка, Џастин Трудо, очекува Трамп да не ја реализира својата најава дадена на инаугурацијата дека ќе ѝ воведе царини на Канада од 25 проценти. Но, експертите пресметаа дека таквите царина ќе ја однесат земјата во длабока рецесија, со оглед на тоа што 75 отсто од канадскиот извоз оди за САД. Експертите додаваат дека резултат на зголемените царини може да бидат и стотици илјади загубени работни места, како и покачена инфлација.
Мерката за Кина, пак, како што им објасни Трамп на новинарите со кои зборуваше во Белата куќа, се оправдуваат со тврдењето дека таа земја испраќа фентанил, опијат што ја поттикнува кризата со дрога во светот и во САД, преку Мексико и Канада. Како одговор на оваа најава на Трамп, деновиве, говорејќи на Светскиот економски форум во Давос, кинескиот вицепремиер, Динг Шуксианг, рече дека неговата земја бара решение за трговските тензии и дека сака да го прошири својот увоз. Како и со ЕУ, САД е во трговски дисбаланс и со Кина, значи повеќе увезува отколку што извезува.
– Отсекогаш верувавме дека нема победник во трговска или тарифна војна. Кина ѝ е цврсто посветена на заштитата на националните интереси – рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, пренесе Би-би-си .
И во својот прв претседателски мандат, Трамп ги зголемуваше царините, и тоа на сè и сешто – од апарати за домаќинство, преку соларни панели, до метали, од што беа погодени многу земји во светот.