Царините на Трамп и скапите земјоделски производи ќе ја вивнат инфлацијата до плафон

Општата стапка на инфлацијата не е многу висока, но ако се пресмета стапката на инфлацијата на земјоделските производи, прехранбените производи и на производите што ги користиме секојдневно, таа ќе биде многу повисока. Ако останат на сила тарифите на Трамп и ако се разгори трговската војна, ќе имаме многу повисока инфлација – изјави за весникот ВЕЧЕР Ванчо Узунов, економски експерт и универзитетски професор. Земјоделците велат дека цените на земјоделските производи годинава нема да се намалат, напротив, ќе бидат повисоки од лани, што уште повеќе ќе ја подгрее инфлацијата. Сепак, од Владата се оптимисти и сметаат дека цените на основните прехранбени производи ќе се намалуваат како резултат на намалените маржи

1610

И покрај тоа што Статистика бележи намалување од 1,3 отсто на инфлацијата во март во однос на февруари, прогнозите на економистите не се оптимистички. Сметаат дека царините на Трамп и скапите земјоделски производи ќе ја вивнат стапката на инфлацијата. Според нив, и покрај тоа што расте со побавно темпо отколку во постковид периодот и економската и енергетска криза, инфлацијата сè уште е висока. Земјоделците велат дека цените на земјоделските производи годинава нема да се намалат, напротив, ќе бидат повисоки од лани, што уште повеќе ќе ја подгрее инфлацијата и директно ќе удри по животниот стандард на граѓаните.

– Инфлацијата сè уште расте, но не со таа динамика како во периодот по пандемијата. Растот на општата инфлација е намален. Тоа значи, цените на мало не растат на сите производи и услуги, туку само на основните прехранбени производи. Затоа таа општа стапка на инфлацијата не е на многу високо ниво. Но ако се пресмета стапката на инфлацијата на земјоделските производи, прехранбените производи и на производите што ги користиме секојдневно, таа ќе биде многу повисока. Тоа е она што го загрозува животниот стандард на граѓаните – изјави за весникот ВЕЧЕР Ванчо Узунов, економски експерт и универзитетски професор.

Според него, мерките на Владата за намалување на инфлацијата не дале целосен ефект, туку само привремено ја смируваат инфлацијата, бидејќи штом престане да важи мерката, цените повторно се зголемуваат.

– Прогнозите се дека со овие потези на американскиот претседател, Доналд Трамп, може да очекуваме нарушување на нормалните економски текови. Ако останат на сила тарифите и ако се разгори трговската војна, ќе имаме многу повисока инфлација – додава Узунов.

Земјоделците велат дека скапите земјоделски производи ќе ја подгреат инфлацијата. Нивните прогнози се дека ќе растат цените на овошјето и на зеленчукот и дека ќе влијае тоа за намалување на животниот стандард на граѓаните.

– И годинава ќе имаме намалено производство, особено во делот на овошјето и на градинарските производи. Ниските температури оваа пролет влијаеја за намалување на приносите и на квалитетот на земјоделските производи. Намаленото производство негативно ќе влијае врз понудата и цените на домашните земјоделски производи. Цените ќе бидат повисоки од лани. Пиперките, доматите, краставиците ќе бидат скапи, а овошјето ќе биде уште поскапо. Тоа ќе влијае и врз инфлацијата, бидејќи ова се производи што се користат во секојдневната употреба – изјави за ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

И граѓаните се жалат дека секојдневно растат цените, а доматите, краставиците и на пиперките во маркетите и на зелените пазари достигнуваат и до 170 денари за килограм.

Сепак, од Владата се оптимисти и сметаат дека цените на основните прехранбени производи ќе се намалуваат како резултат на намалените маржи.

– Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. На годишно ниво, во март 2025 година, споредено со март 2024 година, инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесувала 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и за стабилизација на цените – објави на „Фејсбук“ министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Владата донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 102 групи основни прехранбени производи, како и одлука за утврдување на највисоките цени кај осум групи основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија на сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.

И покрај тоа што Статистика бележи намалување на инфлацијата на месечно ниво, сепак, трошоците за живот во март 2025 година, во однос на март лани, забележале зголемување од 2,7 отсто, а цените на мало – раст од 2,2  отсто.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ