Чувајте ги прстите, не фрлајте петарди!

70

Забавите за Нова година со петарди често имаат трагичен крај. Речиси секоја година, во Македонија има најмалку десетина повредени, најчесто деца со изгореници и откинати прсти од пукањето петарди и пиротехника, кои се опасни и за животните, бидејќи може да добијат срцев удар од шокот. И покрај опасноста, и годинава, како предновогодишен декор, на пазарите се продаваат петарди, пиротехнички и други распрскувачки средства. Тие се нудат на импровизирани тезги, иако е забрането тоа. Казниво е и активирањето петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради. Родителите треба да знаат дека ќе бидат гонети доколку им набавуваат и овозможуваат на своите деца да користат петарди. Од МВР појаснуваат дека доколку сторителите се малолетни, ќе бидат казнети нивните родители со предвидената глоба

Забавите за Нова година со петарди често имаат трагичен крај. Речиси секоја година, во Македонија има најмалку десетина повредени, најчесто деца со изгореници и откинати прсти од пукањето петарди и пиротехника, кои се опасни и за животните, бидејќи може да добијат срцев удар од шокот. Инаку, од пиротехника, во светот годишно страдаат околу 180.000 лица.

И покрај опасноста, и годинава, како предновогодишен декор, на пазарите се продаваат петарди, пиротехнички и други распрскувачки средства. Тие се нудат на импровизирани тезги, иако е забрането тоа. Казниво е и активирањето петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради.

Родителите треба да знаат дека ќе бидат гонети доколку им набавуваат и овозможуваат на своите деца да користат петарди. Од МВР појаснуваат дека доколку сторителите се малолетни, ќе бидат казнети нивните родители со предвидената глоба.

Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните. Сите оние што неовластено приредуваат на јавно место огномети или слично и не ги преземат потребните заштитни мерки согласно со соодветната законска регулатива, ќе бидат казнети, се вели во законските прописи.

МВР веќе почна со акции за запленување петарди, пиротехнички и други распрскувачки средства и казнување на оние што ги продаваат. Така, во последната акција на Бит-пазар, по претходно изготвен план од Единицата за недозволена трговија и од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје за контрола на Бит-пазар, лишени се од слобода две лица, а пронајдени се над 40.000 парчиња пиротехника, тутун и цигари без бандероли. Кај Б.И. (47) од селото Студеничани се пронајдени 11.604 пиротехнички средства, пари, околу 40 килограми тутун и поголема количина цигари без бандероли.

– Кај С.Н. (48) од Скопје се пронајдени 14.942 парчиња пиротехнички средства и пари. Лицата се лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена кривична пријава по член 396 ст.7 од Кривичниот законик. Исто така, при преглед на импровизирана тезга, пронајдени се околу 14.000 пиротехнички средства – се наведува во билтенот на МВР.

Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, член 31, предвидува глоба за оној што неовластено употребува пиротехнички средства. Согласно со Кривичниот законик, во член 396 е предвидено за недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи: тој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години, а доколку предмет на делото е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи што им се забранети на граѓаните, сторителот ќе биде казнет со најмалку пет години затвор.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека продолжуваат со превентивните кампањи со цел да им се укаже на граѓаните за можните последици од употребата на петарди и на други пиротехнички средства, особено актуелни пред и во текот на новогодишните и на божиќните празници.

– Во соработка со Црвениот крст, спроведуваме низа активности, се делат летоци со едукативна содржина, организираме показни вежби каде што граѓаните може да видат какви сѐ последици може да има употребата на овие средства. МВР презема и репресивни мерки со цел санкционирање на употребата на петарди и на други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби, каде што се санкционирани употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба – потенцираат утрово од МВР.

Оттаму додаваат дека преземаат и репресивни мерки со цел санкционирање на употребата на петарди и на други пиротехнички средства. Притоа, велат дека, во соработка со партнерите од невладините организации и другите институции, продолжуваат со активностите во оваа насока и уште еднаш апелираат да не се употребуваат пиротехнички средства.

– Апел и до родителите да не им купуваат пиротехника на своите деца, затоа што тоа може да има трагични последици – нагласуваат од МВР.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ