„Cuban Fire“ е насловен концертот на Националниот џез-оркестар кој е закажан за 20 февруари во Филхармонија, со почеток од 20 часот, а именуван, по истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер, Стен Кентон. Концертот се фокусира на афро-кубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии. Репертоарот вбројува дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот Cuban Fire, вистинско биг-бенд ремек-дело кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката.“
На концертот, оркестарот ќе настапи со појачана дувачка и ритам секција, сето тоа за поголема автентичност при доловувањето на афро-кубанските ритми и мелодии кои доминираат во избраниот репертоар.
Стен Кентон е влијателен американски џез-бенд, пијанист, композитор и аранжер чијашто музика се карактеризира со сложени аранжмани и необична инструментација. Тој водел иновативен џез-оркестар речиси четири децении, од 1940-тите до 1970-тите. Познат е по неговиот прогресивен џез-стил, кој комбинира елементи на класичната музика со биг-бенд џез.
Диригентот Зиги Фајгл ѝ е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг-бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез-сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг-бендот во Грац, ХГМ биг-бендот, биг-бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави. Работата на Фајгл во музиката за биг-бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез-стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.