Црногорците се жалат: Потфрли сезоната!

164

Високите цени и ископаните булевари во туристичките места се дел од причините за помалата посетеност. Туристичката сезона во Црна Гора е послаба од лани и не ги исполни очекувањата на туристичките работници и ресторани.

„Сезоната сигурно потфрли за 20 отсто, полоша е од лани, тврди Никола Пејовиќ од Здружението на хотели на Црна Гора, нагласувајќи ја особено лошата подготовка и слабата работа на државните структури во туризмот.

„Шпиц сезонатa доцни, подготовките не се завршени, а министерот за туризам Владимир Мартиновиќ не го видовме во неговиот мандат“, вели Пејовиќ и напоменува дека многу туристички работници не зборуваат за тоа јавно, туку дека се ќе се гледа на крајот на сезоната.

Како една од причините за помалата посетеност, Пејовиќ ги наведе повисоките цени, бројните поскапувања годинава, како и откопаниот булевар во Будва, пренесува Побједа.

Ако зборуваме за други градови, лошите резултати се последица на ископаниот булевар Котор – Тиват. Луѓето не дојдоа да бидат во кал или песок, туку да уживаат.

Исто така, на лошата сезона влијае и немањето нискобуџетни авиокомпании. Аеродромите се фалат дека дошле рекорден број гости, но што да каже Албанија бидејќи имаат 240 летови дневно“, изјави Пејовиќ.

„Доцни шпицот на сезоната, во јули повторно имавме „дупка“, јуни беше доста „шарен“ за сите, вклучително и за мене. Мај и април беа солидни, имавме групи. Не можам да кажам дека се беше лошо, но нешто не беше во ред. Гостите се од регионот, Украина, Италија, Русија, Полска, Азербејџан…

Сопственик сум на мал хотел и вчера имав шест празни соби, а ова треба да биде шпицот и времето кога се бара кревет повеќе. Кога сега ќе го покачат ДДВ-то за сместување на 15 отсто, бидејќи нема друг прилив на пари, освен хотелскиот дел, тогаш ќе ни биде катастрофа.

Големите хотели веќе продадоа дел од сместувањето за следната година, но затоа приватното сместување кое сочинува 70 отсто од капацитетот не влезе во системот за ДДВ. Владата ни ги намалува придонесите, но затоа ги зголемува даноците“, рече Пејовиќ.

Податоците од туристичките организации на општините Будва, Улцињ и Херцег Нови даваат подлабок увид во моменталната состојба на крајбрежјето, а бројот на туристи варира од град до град.

Според последните анализи на Туристичката организација на Будва, на Будванската ривиера во моментов престојуваат околу 40.000 туристи, од кои околу 22.000 се приватно, а 17.000 во хотелско сместување, додека останатите туристи престојуваат во хостели и кампови.

„Кога сегашната посетеност ќе се спореди со истиот период минатата година, шест отсто повеќе туристи престојуваат во хотелско сместување, додека околу осум отсто помалку престојуваат во приватно сместување, а вкупниот број на туристи е приближно на исто ниво“, тврдат од ТО Будва, додавајќи дека хотелиерите годинава очекуваат подобра туристичка сезона за пет до десет проценти и покрај тоа што цената е зголемена и до 15 проценти.