Црногорците проверија, јадат поскапа храна од Германците!

72

За разлика од Германија, каде што цените на производите обично остануваат постабилни, во Црна Гора трговските ланци применуваат динамично одредување на цените за да го максимизираат профитот, што влијае негативно на буџетот на потрошувачите.

Туристите, кои летово во шпицот на сезоната беа на Црногорското приморје, се вратија незадоволни од тамошните цени, а аналитичарите констатираа дека токму тоа е причина годинава сезоната во Црна Гора да потфрли.

Додека црногорските туристичките работници триеја раце во претсезоната, зашто  им помина одлично, сега велат дека се разочарани бидејќи во црногорските летувалишта дошле помалку гости отколку во истиот период лани. Туристите едноставно ги избегнуваа тие дестинации информирани дека во меѓувреме цените драстично се покачиле.

Кога е во прашање просечен турист, кој не се сместува во скап хотел, во приватното сместување цените останаа релативно пристојни. Но сè друго отиде нагоре. И самите Црногорци, особено оние од приморјето каде што во сезона редовно има енормни покачувања, се жалат дека пазарењето во маркетите го надминува нивниот буџет.

Подгоричка „Побједа“ спореди цени на неколку исти производи во Црна Гора и во Германија и констатира дека Црногорците, со далеку понизок стандард, се во ситуација да се хранат поскапо од Германците.

– Цените во маркетите и дисконтните продавници, според информациите кои ни ги пратија нашите читатели од Германија, се изненадувачки поволни. За повеќето артикли цените се сè пониски или еднакви на оние во маркетите во Подгорица. Во споредба со црногорското приморје, со сигурност можеме да кажеме дека цените во Германија се многу пониски, пишува весникот.

Цената на маслиновото масло во Германија е 7,99 евра, додека во Подгорица достигнува до 25 евра и повеќе. Како посебно упадлив пример, „Побједа“ го посочува примерот со путерот, чија цена во Црна Гора е повисока отколку во земјите на ЕУ. Во Црна Гора за путер треба да се издвојат 4 до 5,79 евра, додека во Германија пакување од 250 грама чини 1,99 евра. Цената на многу квалитетното сончогледово масло во Германија изнесува 1,39 евра, додека тоа е цена за обичното масло во Црна Гора. Најскапите филети туна во Германија чинат до 1,39 евра, додека во Црна Гора цената им почнува од 2 евра. Кока кола од два литра во Црна Гора чини 1,89 евра, а во Германија 1,49 евра.

-Изненадувачка е и цената на моцарелата. Во Германија 100 грама чинат 0,89 евра, додека во Подгорица за 200 грама мора да се издвојат дури 3,19 евра. Цената на нутела од 450 грама во Германија е 3,29 евра, додека кај нас најевтината со таа грамажа е 4,59 евра. Цената на свежиот зеленчук е исто така пониска во Германија, па килограм краставици чини 0,66, а домати 1,19 евра. Цената на 10 јајца е 1,99 евра, додека во нашите маркети цената е повисока, пишува „Побједа“ и напоменува дека наведените цени во Германија се од помали маркети, додека во поголемите трговски ланци како „Алди“, „Нето“ и „Лидл“ се уште пониски.

– Црна Гора долго се соочува со високи цени на храната и на основните намирници. Иако животниот стандард во Црна Гора е значително понизок отколку во Германија, а минималната заработувачка е речиси петпати пониска, најновите податоци покажуваат дека цените на храната кај нас во многу случаи ја  престигнале дури и Германија. Овој парадокс предизвикува загриженост меѓу граѓаните и економистите, бидејќи високите цени на храната дополнително го оптоваруваат домашниот буџет и ја намалуваат куповната моќ на населението. Причините за овие високи цени може да се бараат во низа фактори, вклучувајќи го високото ниво на увозни производи, ограниченото домашно производство, но и потенцијалните нерегуларности во пазарната конкуренција и регулација на цените, пишува весникот, додавајќи дека за разлика од Германија, каде што цените на производите обично остануваат постабилни, во Црна Гора трговските ланци применуваат динамично одредување на цените за да го максимизираат профитот, што влијае негативно на буџетот на потрошувачите.