Еурека, извика радосно јавниот обвинител, обраќајки им се на своите колеги кои изненадено но и полни со надеж го гледаа првиот човек на овој орган за борба против криминалот и гонење на криминалци. Со години се најавуваа реформи, за време на нивниот обвинителски стаж најмалку десетина реформи се протераа, а никој од своето место не беше поместен, никој не беше повикан на одговорност, си работеа онака како што работеа десетици години наназад, а сепак недовербата на народот беше огромна. Зошто толкава недоверба се прашуваа сите и се чудеа на толкавата злоба и неписменост на народот. Па сè што ни кажаа направивме, сè што ни кажаа да не видиме, не видовме, сè што не требаше да слушнеме не слушнавме, размислуваа за оваа голема неправда која народот им ја нанесуваше. Се најавуваше уште една реформа, затоа и беа собрани, да ја осмислат реформата и да ја спроведат без реформа. Полни со надеж погледнаа кон шефот кој и понатаму мавташе со рацете и загадочно се смешкаше, онака како што се смешка човек кој дошол до големо откритие и секој миг треба да ги вџаши колегите со своето откритие. Можеби и има идеја, во недостаток на сопствени идеи кои со претходните реформи без реформа беа исцрпени, се надеваа обвинителите. Со нетрпение чекаа да им се соопшти откритието, вртејќи се на своите фотелји во исчекување.
По неколкуминутно молчење шефот проговори без заобиколување и вовед им го соопшти откритието. Криминалот е сериозна работа, гласот на шефот ечеше во просторијата, и ние треба да се бориме против него, продолжи веднаш забележувајќи го кимањето со главите на колегите и нивното одобрување. Секој од обвинителите помалку љубоморно го гледаше, а во главата му се вртеше мислата, како мене не ми текна. По кратка пауза главниот продолжи, криминалот е и сложена работа, ништо не е така едноставно ни во животот, а особено не во криминалот. Повторно одобрување, молкум, со кимање на главите го слушаа, не трепкајќи. На сериозното лице на главниот наеднаш се појави широка насмевка и триумфално, речиси кикотејќи се од среќа соопшти дека ќе формираме одделение за сериозен и сложен криминал. Овој пат одобрувањето не беше молкум, радосни извици полни со изненадување, восхит и одобрување ја исполнија салата во барокната кружна градба.
Работата беше повеќе од јасна, со организиран криминал и корупција ќе се бави Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција она исто обвинителство кое го суреди Специјалното јавно обвинителство, она кое ги гонеше кривичните дела кои произлегоа или се поврзани со прислушуваните разговори, а кое не донесе ниту една сериозна пресуда по подигнатите обвиненија и милиони потрошени пари. Со сериозен криминал ќе се бави ова одделение во рамки на несериозното и просто обвинителство кое ќе се бави со несериозен и несложен, да не кажам прост криминал.
Извиците на радост, среќа, изненадување и одобрување не стивнуваа, плескаа обвинителите со рацете поради идејата, едноставноста на истата и откритието кое ги зашемети. Сега им беше се јасно, онаа нитка, онаа пајажина пред нивните очи се расчисти, пукна како меур од сапуница, па ние имаме работа со криминал што е сериозна работа, им се вртеа зборовите на шефот низ главите, ние треба и можеме да гониме криминалци им ѕвонеше во главите, единствено делот на сложеноста ги вознемируваше помалку но не вреди вакво убаво расположение да се расипува за една ситница, впрочем убаво пред некое време одговори еден политичар на новинарското прашање „како понатаму“, „како и до сега“, гласеше одговорот.
Па како и до сега ќе работиме ама сега знаеме кој против што ќе се бори и со што ќе се фати во костец. Едноставноста на решението беше просто шокантна, ваква реформа досега немало.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе се бави со корупцијата и организираниот криминал во кој учествуваат повеќе лица, ама ако е тој криминал сериозен и премногу сложен за нив ќе го преземе одделението за сериозен и сложен криминал во рамки на скопското обвинителство. Не им беше баш јасно ако сложен криминал се појави во Битола, Струга, Делчево, кој ќе постапи ама не е миг со ситници да се заморува, помислуваа господата јавни, големата слика е важна, си велеа и си ја смируваа совеста. За сиот несериозен и прост криминал ќе се бави основното јавно обвинителство во Скопје, беше јасна идејата и реформата која отвори нови видици и донесе нови квалитети во борбата со криминалот.
Со олеснување и полни со елан обвинителите ја напуштаа конференциската сала, пресреќни што сега ќе имаат овластувања и право да се борат со сериозен и сложен криминал со кој до вчера се бореа без овластувања, без сознанија за што се работи, несвесни дека се борат со сериозен и сложен криминал. Е, народот немал доверба во нас, горко помислуваа, а не знаат со што се боревме, не знаат дека досега и ние не знаевме, ама сега кога ќе ни тргне борбата…
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)