Ципрас доби награда за мир за Преспанскиот договор и порача ЕУ да покаже кредибилитет

Експремиерот на Грција побара новиот политички и државен врв во земјава да го почитува договорот

19
EPA-EFE/ORESTIS PANAGIOTOU

Ако Европската Унија се покаже некредибилна во однос на своето ветување за Западен Балкан, за нејзиното соседство, тогаш нема да има никаков кредибилитет како меѓународна геополитичка сила, порача поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, во својот говор откако му беше доделена наградата за мир за Договорот од Преспа, од грчка организација. Откако ја прими наградата за мир „Никос Никофоридис“ (која се доделува, од 2018 година, од мировната организација „Опсерваторија на меѓународни организации и глобализација“) за Договорот со Македонија, Ципрас говореше и за значењето на Договорот од Преспа, за потребата да се почитува од новата власт во земјава, но и за ЕУ-перспективата и за важноста за целиот регион. Тој истакна дека Договорот од Преспа „има особена важност“ и дека не смее да се дозволи „да се загуби моментумот создаден за европската перспектива на регионот“.

– Како што кажавме неодамна со Зоран Заев, треба јасно да ставиме до знаење дека единствениот пат не само за европската иднина туку и за иднината на самата Северна Македонија како земја е почитувањето на Договорот од нејзиниот нов политички и државен врв – ја пренесе МИА изјавата на Ципрас.

Поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА вели дека „сепак, не е доволно ова“, бидејќи е потребно да се врати моментумот за ЕУ- интеграција на регионот.

Поранешните премиери на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, и пред три години, додека Заев сè уште беше на оваа функција, на свечена манифестација во Мунстер, Сојузна Германија, ја примија Меѓународната награда за мир на Вестфалија, за Договорот од Преспа.

Ципрас и тогаш порача дека Брисел има обврска, мора целосно да го поддржи Договорот од Преспа и да ги испорача ветувањата како што ги испорача земјава сите свои обврски поврзани со процесот за интеграција во ЕУ.

Во јуни годинава, во заедничка колумна за „Еурактив“, Заев и Ципрас порачаа дека Договорот од Преспа ѝ дал нов моментум на европската перспектива на Западен Балкан, ја вратил улогата на ЕУ во регионот и ја потенцирал важноста на трансатлантската соработка во промоцијата на мирот и на стабилноста.

Преспанскиот договор беше потпишан од тогашните министри за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, и од посредникот на ООН за спорот за името на Македонија, Метју Нимиц, на 17 јуни 2018 година, во селото Нивици. Со овој Договор, Република Македонија го промени своето официјално и уставно име во Република Северна Македонија, ерга омнес, а Грција ни го призна државјанството како македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, го прифати македонскиот јазик и се обврза да не го попречува зачленувањето на земјава во меѓународните организации.