ЦИКЛОНОТ БОРИС ЈА ПОТОПИ ЕВРОПА! Во катастрофалните поплави настрадаа најмалку 7 лица, има исчезнати, илјадници се евакуираат/ВИДЕО

155
EPA-EFE/MACIEJ KULCZYNSKI

Илјадници луѓе се евакуирани во Чешка, Полска и Долна Австрија, која е прогласена за област на катастрофа и каде што загина пожарникар при борбата против поплавите, а нивото на водата на реките во Централна Европа продолжува да расте, вклучувајќи го и Дунав. Населението во најзагрозените држави се евакуираат, а досега билансот на загинати лица достигна седум – дури пет лица загинаа во Романија и по едно во Полска и Австрија.

Како последица на циклонот „Борис“, кој беснее над централна Европа, некои делови од Чешка и Полска, каде што пукна брана, се соочија со најголемите поплави во последните 30 години, пренесува Ројтерс. Поплавени се градови, патишта и друга инфраструктура, населението од најзагрозените подрачја се евакуира, а има и заглавени луѓе до кои спасувачите не можат да стигнат.

Десетици илјади луѓе се без струја, а многу луѓе се евакуирани од тешко погодените области во области на поголема надморска височина, јави Би-Би-Си.

Премиерите на Чешка и на Полска, Петр Фијала и Доналд Туск, апелираа до граѓаните од погодените области од поплавите да не одбиваат евакуација, а до туристите и авантуристите да не ризикуваат да спуштаат по пороите, бидејќи пожарникарите кои ќе треба да ги спасуваат, им се попотребни на оние кои се навистина во опасност.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека неговата влада ќе прогласи состојба на природна катастрофа додека се бори со разорните поплави.

„По консултациите со надлежните министри и служби, наредив подготовка на уредбата на Советот на министри за воведување состојба на природна катастрофа“, напиша Туск на X.

Состојбата на природна катастрофа ѝ дава на владата поголема контрола за да ги задржи и да се справи со последиците од катастрофата, што може да вклучува ограничување на одредени слободи и права.

Локалните власти во југозападна Полска итно апелираа до жителите да ги евакуираат своите домови бидејќи поплавите се закануваат да пробијат уште една брана.

Во видео објавено на неговата Фејсбук страница, градоначалникот на Прудник во провинцијата Ополе, Гжегож Завислак, главен началник на пожарникарите и локален функционер на Прудник, апелираше до жителите на селото Мошчанка, Лак Прудничка и делови од градот Прудник (население 21.237) веднаш да се евакуираат.

„Апелот е многу сериозен, не трошете време на дилеми, мора да си заминете. Доколку браната пукне ќе ви се уништат домовите и ќе ви се загрози животот“, изјави Радослав Рошковски, локален функционер од Прудник.

„Осумдесет проценти од прогнозираниот дожд веќе наврна, но најлошото се уште не е зад нас. Ситуацијата е навистина опасна, не смее да се потцени. Има луѓе кои одбиваат да се евакуираат. Ги молам сите да не ризикуваат, да не се плови по реките и да не се прават други луди работи“ – изјави чешкиот премиер Петр Фијала за Си Ен Ен.

Тој предупреди дека ситуацијата е драматична и изрази надеж дека невремето и поплавите нема да предизвикаат пречки за одржување на регионалните избори и изборите за Сенатот на 20 и 21 септември.

Чешките медиуми известуваат дека округот Јесењик, каде многу луѓе одбија да се евакуираат, сега е отсечен од светот и нема начин да се дојде до луѓето, освен со хеликоптер.

Планинските потоци и реки во Чешка и во Полска се претворени во порои, водата се прелева преку браните на хидроцентралите и акумулациите.

И во двете земји има слични сцени од поплавени куќи, урбани населби, брани над кои се прелева вода, порои кои уништуваат куќи и мостови, како во градот Глухолаз во Ополското војводство во Полска, каде што реката однела два моста кои пожарникарите претходно се обиделе да ги зајакнат.

Градоначалникот на Глухолаз вчера упати драматична порака – „Тонеме“

Нивото на водата на реката Виена кај мостот Кенеди во западниот дел на градот се зголеми од 50 сантиметри на 2,26 метри за еден ден, соопштија службите за вонредни состојби. Поплавени се пешачки и велосипедски патеки, а под вода се терасите на рестораните на брегот на реката.

Во предградието Пензинг, северозападно од Виена, реката на некои места се излеа од коритото. Локалното население е евакуирано, додека улиците и подземните паркизи се под вода. Во три области на Виена прекинато е снабдувањето со електрична енергија, а привремено не функционираат и две линии на метрото.

Градоначалникот на Будимпешта Гергељ Карачони изјави дека на Будимпешта и се заканува најголемата поплава во последната деценија, а властите на главниот град веќе почнале да се подготвуваат за претстојната катастрофа.

Карачоњи детално ги објасни мерките за заштита од поплави насочени кон заштита на градот и безбедноста на жителите, објави унгарскиот портал Портфолио.

Според прогнозите, во втората половина на оваа недела може да се очекува голема поплава, која би можела да трае подолго, бидејќи дождовите континуирано го зголемуваат водостојот на Дунав. Поради сериозноста на ситуацијата, бизнисите и институциите во главниот град на Унгарија веќе започнаа со работа на заштита од поплави, објасни градоначалникот на Будимпешта.