Цицимов: Карневалот се враќа на ѕвездените патеки!

59

Она што се случуваше на интернационалната вечер на Струмичкиот карневал и на Детскиот карневал потврди дека по кризата, којашто ја преживеавме од короната и кога постоеше опасност да го изгубиме нивото, можам со гордост да констатирам дека Струмичкиот карневал се враќа на ѕвездените патеки и го потврдува епитетот „Струмичко чудо“, оцени претседателот на Организациониот одбор на Карневалот, Александар Цицимов.

За него е важно што 30-годишниот јубилеј од приемот во Федерацијата на карневалските градови на Европа е одбележан на едно извонредно ниво.

– Посебно ме радува што мојата визија како треба да изгледа Струмичкиот карневал, во саботата беше најблиску до таа слика. Ако се сеќавате некаде пред петнаесетина години зацртавме дека Струмичкиот карневал треба да биде една рапсодија на звук, шаренило, односно, пред се да биде поврзано со празникот на армасаните (верените) девојки и да ја слави младоста и сите ние да уживаме во тоа. Малку ми пречи што ја губиме компонентата на еротика во карневалот, но мислам дека преку учеството на голем број девојки коишто се блиску до славењето на Тримерите, тоа е постигнато – нагласи Цицимов.

За него годинава победник е Струмичкиот карневал, бидејќи струмичките карневалисти им покажале на многубројните гости дека, како што рече уште еднаш, навистина се „Струмичко чудо“.

– Ги следев нивните реакции, тие сите се организатори на познати карневали од регионот и пошироко и имаше реакции кога тие не само што од срце аплаудираа, туку и се кренаа на нозе да поздрават одредени креации, тоа ме исполни со гордост, а и сите карневалски групи треба да бидете горди на тоа што го покажавте пред меѓународната јавност, а пред се за граѓаните на Македонија и на Струмица, истакна Цицимов.

Инаку, годинашното издание на Струмичкиот карневал завршува денеска со традиционаниот Тримерски ручек и враќање на клучот од градот од карневалистите на градоначалникот на Струмица.