Членството во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе значи финансиски заштеди од 50 до 60 милиони евра на граѓаните, поради тоа што нема да се плаќаат трошоци и провизии.
– Влегувањето во, би рекол, европската европлатежна зона носи големи придобивки. Кога ќе префрли некој од дијаспората што има сметка во една од банките во ЕУ дотација кај физичко лице во Македонија што има своја сметка во некои од комерцијалните банки, веднаш ќе биде направено тоа, без да се чека со денови и без дополнителни трошоци, проценти. А ако имаме предвид дека тие дотации на годишно ниво се, можеби, повеќе од 1 милијарда, сметајте дека граѓаните ќе заштедуваат меѓу 50-60 милиона евра – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Според премиерот, износот од 50 до 60 милиони евра е истиот што сега треба да го враќа државата во стопанството, поради воведениот данок на солидарност од претходната Влада, кој беше укинат од Уставниот суд.
– Тоа е онолку колку што преку данокот на луксуз, како што го нарекоа од СДСМ, го зедоа од граѓаните, а сега треба ние, како Влада, да го плаќаме како резултат на одлуката на Уставниот суд. Годишно толку ќе се заштедуваат граѓаните и веднаш ќе ги гледаат парите на својата сметка. Нема да чекаат како досега со денови. Тоа го направи оваа Влада. На тимот што беше вклучен, јас му честитам за сето ова. Исто така, би сакал да ја истакнам улогата на Народната банка. И се ширеше сето ова со еден успешен процес, кој претходната Влада воопшто не го имаше во својот периметар за одлучување. Ние, еве, за период од осум месеци успеавме – рече Мицкоски.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека членството во СЕПА значи и намалување на трошоците на компаниите при трговијата со поголем дел од земјите во ЕУ, кои се дел од Единствената област за плаќање во евра СЕПА, каде што се приклучи Македонија како 39. членка.
– За нашите граѓани што работат во странство, во некоја од СЕПА-земјите и што праќаат пари во Македонија, провизиите при праќањето двојно ќе се намалат, од околу 7 на околу 3 отсто. Тоа претставува сериозна заштеда ако се има предвид дека секоја година се праќаат стотици милиони евра. Заштедите на компаниите би биле и поголеми, не само во износ туку и во време. Така, плаќањето меѓу компанија од Македонија и компанија од земја од СЕПА би било за само еден ден, а во одредени случаи и за само неколку минути. Со ова ќе се олеснат водењето бизнис и конкурентноста на македонските компании – рече Димитриеска-Кочоска.