Вооружени членови на две различни банди упаднаа во градот Миребалис во централниот дел на Хаити и ослободија околу 500 затвореници од локалните затвори јавува „Би-Би-Си“.
Локалните жители изјавија дека вооружени мажи пукале во згради и минувачи и запалиле згради и автомобили, поради што жителите избегале. Тие потоа ја нападнале локалната полициска станица и упаднале во затворот, каде што се проценува дека биле приведени околу 500 луѓе, ослободувајќи ги сите.
Портпаролот на полицијата на Хаити изјави дека во градот, кој се наоѓа на 50 километри североисточно од главниот град Порт-о-Пренс, се распоредени дополнителни полициски сили и дека ја вратиле контролата врз градот, но локалното население предупреди дека многу избегани затвореници се уште талкаат по улиците.
Еден локален радио новинар за „Асошиетед прес“ изјави дека напаѓачите припаѓале на две банди – 400 Мавозо и група која себеси се нарекува „Талибан“ – кои се дел од коалицијата на бандата Вив Ансам и ги контролираат северните делови на Порт-о-Пренс.
Вооружените банди го контролираат речиси целиот главен град, но овој најнов напад покажува дека тие сè почесто почнуваат да напаѓаат градови во другите делови на земјата. Се верува дека овие две банди можеби се обидуваат да ја преземат контролата врз клучните патишта во земјата.
Бандата 400 Мавозо е позната по киднапирањето луѓе за откуп. Често се напаѓани автобуси кои патуваат до и од главниот град. Талибанската банда има свое упориште во Канан, предградие на северот на Порт-о-Пренс.
Нападот се случи само неколку дена откако Мултинационалната мисија за поддршка на безбедноста (МСС) на Хаити потврди дека кенискиот полицаец Бенедикт Кабиру бил убиен во напад на банда. Кабиру беше вториот убиен Кениец додека беше на должност на Хаити.
Вкупно, повеќе од 5.600 луѓе беа убиени на Хаити минатата година како резултат на насилство од бандите, според ОН. Уште 2.212 луѓе беа повредени, а 1.494 киднапирани во 2024 година.