Непосредно пред погребот на папата Франциск, во базиликата Свети Петар се случи неочекувана средба – американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретнаа и разговараа, а професионален читател на усни ги откри деталите од нивниот разговор.
Двајцата водачи седнаа на столчиња поставени на средината на базиликата, потпрени еден кон друг, без присуство на советници или соработници. Според соопштението од кабинетот на украинскиот претседател, нивниот разговор траел околу 15 минути, а во прилог на тоа биле објавени и фотографии од средбата.
Професионалниот читател на усни Никола Хиклинг, анализирајќи ја интеракцијата меѓу Трамп, Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон за британскиот весник „Сан“, откри неколку интересни детали.
Според неа, Трамп прво ги подаде рацете кон двајцата соговорници, а потоа ги повлече кон себе и му се обрати на Макрон со зборовите: „Грешиш, треба да ми направиш услуга, не треба да си тука“.
Зеленски кимна со главата во знак на согласност, додека викарот, кој стоеше во близина, загрижено ја сврте главата, пишува Дејли мејл.
Хиклинг потоа откри дел од разговорот меѓу Трамп и Зеленски.
Зеленски рече: „Би сакал да го направиш тоа, но не на овој начин“, на што Трамп одговорил: „Тоа е многу интересна стратегија. Вие го имате мојот збор“.
Средбата меѓу Трамп и Зеленски доаѓа во критичен момент за преговори за можен крај на конфликтот меѓу Украина и Русија. Белата куќа го опиша разговорот како „многу продуктивен“, додека Зеленски рече дека нивната средба била „многу симболична“ и „има потенцијал да стане историски, доколку се постигнат заеднички резултати“.
„Се надевам на резултати во сè што разговаравме – заштита на животите на нашиот народ, целосен и безусловен прекин на огнот и создавање сигурен и траен мир што ќе спречи избувнување на нова војна“, рече Зеленски преку мрежата Х.