На објавениот конкурс за доделување на наградата „Горан Стефановски“, за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години, пристигнаа четири пријави, соопштија од Драмскиот театар – Скопје.
Како што посочуваат оттаму, согласно со Правилникот за доделување на наградата „Горан Стефановски“, формирана e Комисија составена од пет члена од редот на истакнати и компетентни лица. Од редот на вработените во Драмски за членови на Комисијата се именувани: Викторија Рангелова-Петровска – драматург, Дејан Лилиќ – актер првенец и Димче Николовски – режисер асистент. Како надворешни членови се именувани Жанина Мирчевска – драматург и Венко Андоновски – теоретичар на театар/литература.
-Комисијата е должна да ги оценува поднесените драмски текстови и постапката за избор на најдобар драмски текст од млад автор да ја спроведе во согласност со критериумите наведени во Правилникот. Пријавениот драмски текст покрај останатите критериуми треба да биде неизведуван и да биде оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела, посочуваат од Драмски.
Од театарот најавуваат дека авторот на наградениот драмски текст ќе биде објавен на прес конференција во пресрет на 27 април, денот кога е роден Горан Стефановски. Добитникот на наградата ќе потпише Авторски договор со Драмски согласно кој театарот се обврзува да го инкорпорира наградениот драмски текст во предлог-програмата и да го продуцира со изведба на малата сцена или на сцената „Ристо Стефановски“, во рок од две години сметано од денот на завршување на Конкурсот. Добитникот ќе добие еднократна парична награда во висина од 60.000,00 денари, а Авторот се обврзува да не го отуѓува текстот поточно авторското право на други правни и физички лица сè до праизведбата во Драмски.
Конкурсот има за цел да го негува сеќавањето на Горан Стефановски, да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо.
Да потсетиме, на сцената на Драмски е поставена импресивна бројка од 15 премиери на Стефановски, почнувајќи од 1974 година, кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски до праизведбата на „Огнени јазици“ исто така во режија на Унковски“ во 2013. Осум негови драмски текста се праизведбени постановки токму во Драмски.